Доброволното противпожарно друштво од Кочани, формирано еден месец по големиот пожар што го зафати градот во 2021 година, денес брои над 50 активни членови, од кои пет се жени. Три од нив се во групата за интервенции.
Младиот претседател Златко Илијев е горд на целиот состав на друштвото, затоа што досега реализирало голем број акции за локализирање пожари и за спречување поплави не само во Кочанско, туку и во соседните општини Виница, Македонска Каменица, Берово, Пехчево, Делчево…
„Морам да ја истакнам петчлената женска екипа, која е толку активна, што не можам ниедна да издвојам. Овие волонтерки се најдобар пример дека противпожарната професија не бира пол“, вели Илијев и додава:
„Марија Петрова, која поседува дозвола за Ц-категорија, е возач на интервентната екипа. Таа го вози единственото противпожарно возило што сега го имаме, но во фаза сме да набавиме и други возила. Емина Димитрова е задолжена за логистичка поддршка, а Адријана Горгиева како наша потпретседателка многу се труди да обезбеди финансии, затоа што друштвото како доброволно засега е надвор од професионалната противпожарна единица и нема никаква финансиска поддршка. Во интервентната екипа се и Александра Арсова и Стојка Иванова-Антова“.
Антова, која е членка и на ПСК „Осогово“, во изминатите години учествувала во голем број хуманитарни акции.
„И лани и зимава спроведовме акции за доставување храна и облека на старите и изнемоштени лица во непристапните села на Осоговски планини. До нив доаѓавме со пешачење повеќе од 15 километри во еден правец“, вели Антова, која е и првата и засега единствена жена со лиценца за планинарски водич во источна Македонија.
„Ги имам искачено речиси сите највисоки врвови во Македонија и на Балканот. Љубовта кон планинарењето ми се всади пред неполни 30 години, кога се запознав со идниот сопруг Тошо Антов, кој веќе беше искусен планинар и ги има сите потребни лиценци за планинарски водич. Јас ја имам А-лиценцата за водич во лето, а сега сум на обуки и тестирања за Б-лиценцата, која важи и за зимски услови“, вели Стојка, чиј сопруг исто така е член на доброволното противпожарно друштво.
И доброволното противпожарно друштво и друштвото за планинарски спортови „Осогово“ од Кочани се водат од максимата „Сакаме зелено, чисто и безбедно“, а како граѓански здруженија ги насочуваат своите активности исклучиво кон позитивно влијание на климатските промени.
Т. ЈОВАНОВСКИ