Новиот ангиограф поставен во Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид е единствениот во регионот, оти постоечкиот веќе не работи. Годишно, над 2.000 пациенти имаат потреба од апаратот кој се користи при акутен инфаркт и стентирање, па листата на чекање е и до три месеци.
Директорката на болницата д-р Елена Коваческа-Башуроска вели дека оваа институција има потреба од уште една ангиографска сала и уште еден анфиограф.
„Има голема листа на чекање. Чекањето за елективниот програм за пациентите е некаде три месеци во нашата установа. Посебно сега, во периодов кога не работи постоечкиот ангиограф и се монтира новиот, имаме зголемување на листата пациенти за чекање, но се надеваме дека со новиот ангиограф ќе се подобрат условите и со поголем ангажман, кој секако зависи од буџетот и можноста за набавка на дополнителни материјали во интервентната кардиологија, максимално ќе направиме таа листа за чекање на пациенти се намали“, вели д-р Коваческа-Башуроска.
Во Македонија вакви апарати има Клиниката за кардиологија во Скопје, во Општите болници во Штип, Струмица, Тетово и Битола но и таму апаратот не работи.
„Ние сме регионален центар, работиме со пациенти од Охрид, Струга, Дебар, Ресен, Битола и пациенти од Прилеп“, додава д-р Коваческа-Башуроска.
Од болницата се надеваат дека со префрлање во реконструираниот објект во кругот на Болницата за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ ќе се подобрат условите оти ќе има две ангиографски сали, а постоечкиот објект би се користел за рехабилитација.
С. ВРЕНЦОВСКА