Една четвртина од вкупниот број активни случаи во Битола се разболеле од коронавирус во изминатите четири дена. Од први до четврти декември, според официјалната здравствена статистика, од ковид-19 се заразиле 254 битолчани или 26 проценти од вкупниот број на активни случаи кој е 971.
Сепак, загрижувачките бројки не се подеднакво сериозни за сите. Синоќа, за време на обиколката на Широк Сокак, забележавме многу млади излезени, не во кафулињата зашто локалните го почитувааат ограниченото време на работа до 21 часот, туку групирани седат пред некогашниот хотел „Македонија“, а и во Паркот, пред Спортската сала и скејт паркот.
Најголемиот дел од младите кои синоќа се дружеа на отворено на Широк Сокак беа со маски под носот или брадата. Дел од младите битолчани беа недисциплинирани уште од почетокот на пандемијата кога не носеа маски и веруваа дека вирусот не постои.
„Ако тогаш не носеа маски и не веруваа, сега носат спуштени под носот или брадата. Едни иронично велат дека ги фаќа тие што се пазат, а други дека сакале што побразо да фатат за да стекнат имунитет во следните три месеци“, ни рекоа млади битолчани.
Сајтовите на дел од средните училишта во Битола со месеци апелираат до учениците да бидат сериозни, одговорни, да носат маски. Но, влијаат и семејствата зашто има и такви кои иако имаат заболени во соседството веруваат во теории на заговори.
На оздравени овој месец во Битола отпаѓаат само 16 проценти или 204 лица од вкупниот број на 2.329 битолчани кои ја надминаа болеста.
Битола по број на активни случаи го надмина Куманово. Иако бројките рапидно растат, градот сепак по број на активни случаи во внатрешноста е на четврто место по Прилеп, Тетово и Гостивар. По оздравени е на шесто место, а на шесто по смртни случаи. Вкупно ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата се 66.330, оздравеа 42.241, починаа 1.877, а активни се 22.212.
Ж. ЗДРАВКОВСКА