Една година откако беше реконструирана, салата „Партизан“ во скопски Карпош прокиснува. На ѕидовите се забележува како тече вода и се создава влага.
Салата конечно беше отворена минатата недела откако цела година после реконструкцијата стоеше затворена оти не беше опремена. Општина Карпош бараше опремувањето и приклучувањето на парно да ги направи Владата, односно Министерството за спорт бидејќи тие ја реновираа, но оттаму велат дека таа обврска е на Општината.
„Салата која беше подарок од Владата, односно од тогашната Агенција за спорт, ни ја дадоа празна. Долго време зборувавме и со минатото и со сегашното раководство на Министерството за спорт, но ништо и на крај распишавме тендер, ја купивме потребната опрема и салата почнува со работа. Но, имаме проблем, во делови се појави влага. Тече вода, а се работи за нов објект, значи неквалитетно е изведена. Го известуваме Министерството за спорт, но одговор нема“, вели градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Салата „Наум Наумовски-Борче“ во населбата Карпош 4, позната кај скопјани како „Партизан“, ја реконструираше Агенцијата за млади и спорт, за што беа издвоени 1,1 милион евра.
Од Министерството за спорт велат дека досега Општина Карпош официјално не ги известила за проблеми со салата и затоа не можат да реагираат.
„Доколку добиеме барање од Општината, тогаш надзорникот на објектот ‘Евро консалтинг‘ ќе направи увид и ќе каже дали станува збор за пропусти на изведувачот или прокиснувањето се јавило поради неодржување“, велат од Министерството за спорт
Изведувач на објектот е „Спектар термо“ и гарантниот рок е две години од кога салата добила технички прием, а тоа е 20 февруари 2024.
Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ е изградена во 1969 како донација на француската влада за обнова на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963. Таа е проект на архитектот Трајко Димитров, кој почина лани, а кој беше активен и во иницијативите за обнова.
Во 2005, Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали ја даде салата под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да ја заживее, салата целосно пропадна, беше разурната, запалена, искршена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут и стакло и наликуваше дека во секој момент може да се урне.
По серијата текстови на САКАМДАКАЖАМ.МК во 2019, Владата и Агенцијата за млади и спорт во април 2022 почнаа да ја реновираат салата, а во септември лани веднаш до салата почнаа градежни работи за изградба на затворен базен, кој уште не е завршен.
А. АНТЕВСКА