Спортската сала „Партизан“ во скопската Општина Карпош речиси една година е реновирана, но стои заклучена. Реконструкцијата заврши лани во декември и тогаш свечно ја отворија градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски и тогашниот премиер Димитар Ковачевски.
Оттогаш поминаа десет месеци, а салата сè уште не е во функција и стои затворена. Проблемот е што салата уште не е приклучена на парно греење и не е опремена со потребни реквизити. Општина Карпош чека тоа да го направи Министерството за спорт, а од таму велат дека тие немаат никаква обврска оти објектот е целосно предаден во владеење на Општината.
„Спортската сала Партизан која ни е предадена во владение не е во функција од неколку причини. Прво, затоа што сè уште не е приклучена на топлински извор и нема поставени грејни тела, а исто така и затоа што не е опремена со соодветни спортски реквизити. За да се опреми салата потребно е да се набават табли со кошеви, рипстоли, отскочни даски, јажиња, коњи со рачки, коњ за прескокнување, ниска и висока греда, клупи и закачалки во соблекувалните и други спортски реквизити. Доопремувањето на салата беше ветено од поранешната Агенција за млади и спорт, но не беше реализирано. За ова е информирано Министерството за спорт повеќепати и во очекување сме со нивна помош да ги обезбедиме сите овие потреби, за да може салата да биде пуштена во употреба и нормално да функционира“, велат од Општин Карпош.
Од Министерството за спорт ни одговорија дека не може Општина Карпош да бара друг да ја опреми салата кога таа ја има во владение.
„Со салата оттогаш стопанисува Општина Карпош и во нејзина надлежност е фукционалноста на објектот, Министерството за спорт нема никакви преземени или наследени обврски околу нејзиното доопремување со реквизити. Примопредавањето на салата од Агенцијата за млади и спорт на Општина Карпош е извршено со записник на 3 јануари 2024 година. Со тоа, Општина Карпош го презема стопанисувањето и сите обврски околу функционалноста на овој спортски објект. Според документацијата, проектот за реконструкцијата на спортската сала ‘Партизан’ е изработен од Општина Карпош и доставен до Агенцијата за млади и спорт. Согласно договорот за соинвеститорство, наведените обврски околу загревањето и опремувањето на салата ги презема Општина Карпош. По реконструкцијата на салата, која е завршена во декември 2023 година, извршен е и технички прием и салата е предадена во владение на Општина Карпош. Со позитивен технички извештај, салата може да се користи и одговорноста зошто салата сè уште не е ставена во функција е кај тој што ја има во владение“, велат од Министерството за спорт.
Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ е изградена во 1969, како донација на француската влада за обнова на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963. Таа е проект на архитектот Трајко Димитров, кој почина лани, а кој беше активен и во иницијативите за обновата.
Салата во 2005 од Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали беше дадена под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да ја заживее, салата целосно пропадна, беше разурната, запалена, искршена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло и наликуваше дека во секој момент може да се урне.
По серијата текстови на САКАМДАКАЖАМ.МК во 2019, Владата и Агенцијата за млади и спорт во април 2022 почнаа да ја реновираат салата, а во септември лани веднаш до салата почнаа градежни работи и за изградба на затворен базен.
А. АНТЕВСКА