ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА САЛАТА „ПАРТИЗАН“ ВО СКОПСКИ КАРПОШ, ЈАКИМОВСКИ ВЕЛИ СО СОВЕТНИЦИТЕ ДОПОЛНИТЕЛНО ЌЕ СЕ ОДЛУЧИ КОЈ ЌЕ ЈА СТОПАНИСУВА

    ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА САЛАТА „ПАРТИЗАН“ ВО СКОПСКИ КАРПОШ, ЈАКИМОВСКИ ВЕЛИ СО СОВЕТНИЦИТЕ ДОПОЛНИТЕЛНО ЌЕ СЕ ОДЛУЧИ КОЈ ЌЕ ЈА СТОПАНИСУВАПо повеќе од 15 години, овој култен спортски објект за скопјани кој беше уништен откако беше даден на приватен концесионер, повторно е ставен во функција за спорт и рекреација. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Спортската сала „Партизан“ во скопската општина Карпош денеска повторно е пуштена во употреба. Со тоа, по повеќе од 15 години, овој култен спортски објект за скопјани кој беше уништен откако беше даден на приватен концесионер, повторно е ставен во функција за спорт и рекреација.

    Салата „Наум Наумовски-Борче“ во населбата Карпош 4, позната кај скопјани како „Партизан“, ја реконструираше Агенцијата за млади и спорт за што беа издвоени 1,1 милиони евра. Сега ќе биде предадена на Општина Карпош. Кој ќе ја стопанисува салата, дали тоа ќе биде Општината или ќе биде дадена на приватна фирма како што беше претходно кога пропадна, градоначалникот Стевчо Јакимовски не кажа на денешното свечено отварање.

    По серијата текстови на САКАМДАКАЖАМ.МК во 2019, Владата и Агенцијата за млади и спорт во април лани почнаа да ја реновираат салата, а во септември годинава веднаш до салата почнаа градежни работи и за изградба на затворен базен. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Кој ќе ја стопанисува салата ќе одлучиме заедно со советниците откако ќе ни биде предадена. Овој објект е симбол на заедништвото, но морам да кажам дека во изминативе 20 години тој беше симбол и наши погрешни одлуки со кои спортските објекти беа во раце на погрешни луѓе кои го запреа животот, младоста, духот, спортувањето во овој објект. За среќа, дојдоа луѓе кои препознаа вистинска потреба на граѓаните и создадоа вистинска намена на овој објект“, рече Јакимовски.

    Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ е изградена во 1969, како донација на француската влада за обнова на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963. Таа е проект на архитектот Трајко Димитров, кој почина лани, а кој беше активен и во иницијативите за обновата.

    Салата во 2005 година од Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали беше дадена под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да ја заживее, салата целосно пропадна, беше разурната, запалена, искршена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло и наликуваше дека во секој момент може да се урне.

    По серијата текстови на САКАМДАКАЖАМ.МК во 2019, Владата и Агенцијата за млади и спорт во април лани почнаа да ја реновираат салата, а во септември годинава веднаш до салата почнаа градежни работи и за изградба на затворен базен.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира