САЛАТА „ПАРТИЗАН“ ВО СКОПСКИ КАРПОШ, ПОДАРОК ОД ФРАНЦИЈА ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ, СЕ РАСПАЃА, РАЗУРНАТА И ЗАПАЛЕНА

    САЛАТА „ПАРТИЗАН“ ВО СКОПСКИ КАРПОШ, ПОДАРОК ОД ФРАНЦИЈА ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ, СЕ РАСПАЃА, РАЗУРНАТА И ЗАПАЛЕНАКултната сала „Партизан“, местото каде карпошани но и граѓани од другите скопски населби се собираа да спортуваат, сега е разурната, искршена, во делови запалена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло и кога ќе влезете внатре помислувате дека во секој момент може целосно да се урне.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Како донација на француската влада за обнова на Скопје после земјотресот, во 1969 година во населбата Карпош беше изградена спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ или позната кај скопјани како „Партизан“. Денеска, 50 години подоцна, како земјотрес да ѝ се случил на салата, со исти размери како оној катастрофалниот кој го разурна Скопје и поради кој таа беше изградена.

    Влезните врати ги нема, сите прозорци се искршени па кога се движите низ ходниците и просториите во салата под нозете крцкаат искршените стакла. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Култната сала „Партизан“, местото каде карпошани, но и граѓани од другите скопски населби се собираа да спортуваат, сега е разурната, искршена, во делови запалена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло и кога ќе влезете внатре помислувате дека во секој момент може целосно да се урне.

    Во салата останати се само обрачите на кошевите, откорнати се дрвените даски од ѕидовите, па дури и паркетот, прозорците се искршени, од таванот висат парчиња, делови од дрвенаријата се изгорени. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Влезот во салата е слободен бидејќи недостасува дел од оградата во дворот. Влезните врати ги нема, сите прозорци се искршени па кога се движите низ ходниците и просториите во салата под нозете крцкаат искршените стакла. Ходникот на влезот е затрупан со тули, цигли, бетонски парчиња кои некој ги кршел од внатрешноста на објектот. Вратата која води кон големата сала, каде некогаш вриеше од деца кои тренираа гимнастика или играа кошарка и ракомет, е изгорена. Во салата останати се само обрачите од кошевите и чудно како никој не ги зел, кога буквално сè што имало внатре, сега го нема. Откорнати се дрвените даски од ѕидовите, па дури и паркетот, прозорците се искршени, од таванот висат парчиња, делови од дрвенаријата се изгорени. Иста е глетката и во малата сала, нема ништо, само искршени огледала, цигли и парчиња бетон кој паѓа од ѕидовите и таванот. Одејќи низ ходникот кон некогашните соблекувални и тоалети од кои сега не е останато ништо, се прашувате кој го демолирал сето ова и како е можно никој тоа да не го спречи.

    Ходникот на влезот е затрупан со цигли, парчиња бетон кои се искршени и шут. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Скалите кои водат кон првиот кат на салата се затрупани со бетонски плочи, а оградата ја нема. Горе е истиот ужас и траорна глетка како на долниот кат, разурнати ѕидови, искршени прозорци, таван кој паѓа на одредени места, цигли, тули, даски, стакла, ѓубре. Во еден момент помислувате дека салата може секој момент целосно да се урне.

    Целосното уништената сала остава впечаток дека сега таа не може да се реновира, дури и да сака некој. За да се врати во функција потребно е таа да се урне и да гради комплетно нов објект.

    По скалите кои водат до првиот кат стојат паднати парчиња бетонска констукција и искршени стакла. ( Фото. Ѓ. Личовски)

    Спортската сала „Партизан“ во 2005  од Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали е дадена под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Сопственикот Рафет Муминовиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека состојбата во која сега е салата не е поради негова вина, туку на државата која во изминативе 13 години не му дозволила од неа да направи елитен спортски објект.

    „Откако ми беше дадена под концесија, цели 8 години водев битка по судови со тогашното спортско друштво ‘Партизан‘ кое ја упрвуваше и дури во 2014 ја добив во вледение. Потоа, тогашниот градоначалник Стевче Јакимовски не сакаше да ослободи дел од просториите кои ги користеше и не дозволуваше никој да се всели. Јас имав проект со турски инвеститор да направам елитно место за спорт и рекреација, но ништо. Потоа ми стигна тужба дека Владата си ја бара назад во владение и сега на 15 јануари сум на суд. Јас цело време плаќам кирија по 1.000 евра месечно. Не е моја вина што објектот сега е во таква лоша состојба. Не можев да инвестирам кога се водеа и уште се водат судски спорови“, вели Муминовиќ.

    Просторијата на првиот кат на салата. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, кој во својата изборна кампања како еден од проектите кои ги вети беше и обнова на салата, вели дека во моментов Општината не може ништо да направи бидејќи објектот е даден под концесија на приватна фирма.

    „Ние сакаме да ја преземе надлежноста на овој култен објект за Карпош, но прво Владата треба да го реши сопственичкото прашање. Знам дека таква инцијатива има, премиерот Зоран Заев изјави дека се работи на враќање во сопственоста на државата на сите спортски објекти кои биле дадени под концесија, а несоодветно се управуваат или воопшто не функционираат. Доколку ни ја вратат, ќе треба комплетно нов објект да се гради оти она што сега е останато е во ужасна состојба. Но, сакам да потенцирам дека тука нема да има никаков друг објект. Според постојниот план е предвидена содржина за спорт и рекреација и така ќе остане, згради нема да никнат. Иако немаме пари сами да ја градиме, ќе најдеме начин, дали преку приватно партнерство или со средства од европски фондови“, вели Богоев.

    Од Агенцијата за млади и спорт велат дека во моментов не можат ниту да го обезбедат објектот кој е небезбеден бидејќи тој не е во сопственост на државата, но работат на враќање на овие објекти во државна сопственост.

    Ходникот кој води кон некогашните соблекувални и тоалети. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Салата ‚Партизан‘ сега нема ни мајка ни татко. Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали ја дал оваа сала под концесија уште од 2005 година, но како што гледате тој ништо не направил. Ова јавно претпријатие веќе шест години не постои и ние немаме никакви документи за договорите кои ги склучувале. Со Владата работиме на тоа сите договори да се ревидираат и да се раскинат со оние концесионери кои не ги управуваат објектите на соодветен начин. Наша цел е потоа да ги дадеме на општините, секако доколку општините имаа средтсва да управуваат со нив, да не се доведеме во ситуација повторно да пропаднат“, вели Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт.

    Салата „Партизан“ е изградена во 1969 година, како донација на француската влада за обнова на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963. (Фото: Ѓ. Личовски)

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари