ЕДНА ТРЕТИНА ОД ДОМАЌИНСТВАТА ВО БИТОЛА И ЗИМАВА ЌЕ СЕ ГРЕАТ НА ДРВА И НАФТА, ВОЗДУХОТ ПОЛН СО ШТЕТНИ ЧЕСТИЧКИ

    ЕДНА ТРЕТИНА ОД ДОМАЌИНСТВАТА ВО БИТОЛА И ЗИМАВА ЌЕ СЕ ГРЕАТ НА ДРВА И НАФТА, ВОЗДУХОТ ПОЛН СО ШТЕТНИ ЧЕСТИЧКИЗа намалување на емисиите од греењето, треба да придонесe централниот топлиски систем што се спроведува од РЕК за Битола. (Фото: СДК.МК)

    Магла уште не паднала над Битола, но доколку кон градот се погледне од околните ридови се добива впечаток како да има сињак. За време на грејната сезона тоа е последица на загадениот воздух во градот, каде, според последниот попис, од 24.974 домаќинства во урбаниот дел на општината, 8.763, односно една третина се греат на печки и парно на дрва и нафта. Само  5.532 семејства се греат на климауреди, за кои во изминатите години имаше и субвенции.

    Битолчани и деновиве дишат нездраво загаден воздух со суспендирани честички со димензии од 10 и 2,5 микрометри. кои се сметаат за едни од најштетните супстанци и предизвикуваат проблеми за здравјето на луѓето. Според податоците од веб-страницата на Светскиот проект за квалитет на воздухот, каде во реално време се добиваат податоци од 10.000 мерни станици низ светот, на 10 декември во 20 часот биле измерени 186 микрограми од најмалата суспендирана прашина на кубен метар.

    И според официјалната страница на Министерството за животна средина, каде што се објавени податоци само од мерната станица Битола 2 сместена во центарот на градот, а не и од таа на периферијата, на 5 и 6 декември имало скоро двојно пречекорување на среднодневни количини ПМ10 честички над дозволеното.

    За намалување на емисиите од согорување дрво, масло за домаќинства и јаглен во малите домашни печки, како и во печките на јавните и комерцијалните објекти, треба да придонесe воведувањето на централен топлиски систем што се спроведува од РЕК за Битола. Низ градот веќе се поставува топлинската мрежа која треба да биде ставена во функција во текот на грејната сезона 2025/26. Во план е за почеток да се приклучат 35 државни и општински институции во Битола, а потоа постепено, мрежата ќе се проширува и во другите делови на градот.

    Во меѓувреме, се одржуваат јавни дискусии и трибини за изнаоѓање алтернативни начини на греење на Битола. Во рамките на анализата за алтернативите на централното греење базирано на јаглен во Битолскиот Регион, изработена преку проект на младинската организација „Сфера интернешнал“, најизводлива опција би биле фотоволтаичните системи во комбинација со инвертер климауреди за двата типа на домови: станови и индивидуални куќи.

    Од проектот произлезе заклучок дека е важно да се воспостават едношалтерски центри на локално, регионално или национално ниво каде граѓаните ќе можат да се информираат за обновливите технологии што им се на располагање, мерките за енергетска ефикасност и за финансиските стимулации понудени во форма на заеми и грантови. Важно е и поедноставување на административните процедури, овозможување на лесно здружување на граѓаните во енергетски заедници, но и подобрување на електродистрибутивната мрежа, за да се овозможи што повеќе граѓани да станат производители-потрошувачи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира