Пожолтените листови и гранчиња на еко дрвото поставено на градскиот плоштад во Тетово ги вознемири тетовци дека се исушил овој подарок од германската влада вреден 25.000 евра. Некои велеа дека тоа е поради негрижата на општинските власти, други дека тоа е последица на студеното време. Сепак, од еколошката организација „Еко-свест“ која го постави ова еко дрво, велат дека тоа нема причина за паника бидејќи пожолтените листови се вообичаена појава за овој период од годината.
„Еко дрвото не е исушено туку ова е негова вообичаена состојба во зимскиот период од годината. Ние се консултиравме и со стручните лица од Германија и тие ни рекоа дека во сите градови во Европа каде се поставени вакви еко дрва состојбата со мовта која е ставена во нив е иста, односно насекаде е засушена. Причината е што во зима е исклучен системот за наводнување поради опасност од негово замрзнување и пукање на цевките. Но со разубавувањето на времето, а во договор со ЈКП од Тетово, ќе се започне со поинтензивно наводнување и, како што ни рекоа експертите од Германија, мовта повторно ќе оживее и за кратко време ќе ја добие онаа препознатлива зелена боја. Всушност и во природата е така, ако нема вода мовта се суши но ако падне дожд таа брзо оживува“, вели Ана Лешоска Чоловиќ од еколошката организација „Еко-свест“.
Но освен тоа што од Еко-свест најавуваат дека еко дрвото повторно ќе заживее, тие исто така велат дека ќе се работи и на негова ревитализација.
„Деновиве од Германија очекуваме да добиеме нови садници кои ќе ги поставиме на еко дрвата во Тетово и Скопје. Како што ни најавија стручните лица од Германија со кои директно соработуваме, ова ќе биде мов од друг вид кој е зелен преку целата година, па во иднина овие дрва во зимскиот период нема да изгледаат како да се сосем исушени. Забележавме дека повеќе садници кои се наоѓаат во долниот дел од еко дрвата во изминатиов период се откорнати од некои несовесни граѓани, па на овој начин ќе извршиме и нивна ревитализација и обновување“ , вели Лешоска Чоловиќ.
Еко дрвото или еко билбордот, како што некои го нарекуваат поради неговиот карактеристичен облик, е 25.000 евра вредна донација од Германија и од неколку домашни фирми. Еден ваков билорд е поставен во Тетово а вториот е во Скопје. Нивната цел е со помош на посебен вид мов кој е поставен во него да го прочистува градскиот воздух бидејќи, како што велат донаторите, еко дрвото има способност да го компензира загадувањето од 417 автомобили на годишно ниво и има ист ефект како 275 дрвја.
Минатото лето, поради лошата грижа на комуналните служби од Тетово и Скопје, еко дрвата речиси се исушија, но со интервенција на активистите од „Еко-свест“ тие беа спасени и од тогаш грижата за нив стана многу подобра.
- СЕ ИСУШИ ЕКОБИЛБОРДОТ ВО ТЕТОВО, ПОДАРОК ОД ГЕРМАНИЈА ВРЕДЕН 25.000 ЕВРА
- ОПШТИНА ТЕТОВО ЌЕ ГО ВРАЌА ВО ЖИВОТ ИСУШЕНИОТ ЕКОБИЛБОРД, СЕ СУШИ И ТОЈ ВО СКОПЈЕ ОТИ НЕ СЕ НАВОДНУВА РЕДОВНО
- СЕ РЕВИТАЛИЗИРА ЕКОБИЛБОРДОТ ВО ТЕТОВО
З. АНДОНОВ