„ЕКО ГЕРИЛА“ НУДИ ПРАВНА ПОМОШ ЗА ТУЖБИ ПРОТИВ „ЈУГОХРОМ“ ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО НА ТЕТОВО

    „ЕКО ГЕРИЛА“ НУДИ ПРАВНА ПОМОШ ЗА ТУЖБИ ПРОТИВ „ЈУГОХРОМ“ ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО НА ТЕТОВО„Југохром“ скапо ќе плати за труењето на тетовци“, рекоа од „Еко герила“ (Фото: СДК.МК)

    Откако „Југохром“ престана со работа загадувањето на Тетово е драстично намалено, а исто така речиси за двојно е намален бројот на заболени деца, рекоа на прес конференцијата движењето „Еко герила“ и здружението „Мајка и дете“ од Тетово, на која се презентираа нивните најнови податоци за загаденоста на воздухот во градот. Од „Еко герила“ најавија дека ќе им помагаат на граѓаните да поднесат тужби за надомест на штета предизвикана од загадувањето на воздухот.

    За време на работата на „Југохром“ годишниот просек ПM10 честичките во воздухот беше 145 микрограми на кубен метар, а со затворањето на фабриката просечното ниво на загадување во 2017 паѓа на 61 микрограми (Фото: СДК.МК)

    „Со официјалните мерења на Министерството за животна средина, ‘Југохром’ предизвикувше 60% од загадувањето во Тетово и околината, со што градот стана еден од најзагадените градови во Европа, според Светската здравствена организација. За време на работата на ‘Југохром’ годишниот просек ПM10 честичките во воздухот изнесуваше 145 микрограми на кубен метар, а со затворањето на фабриката просечното ниво на загадување во 2017 година паѓа на 61 микрограми. Тетово тогаш беше европски шампион по загаден воздух, а денес е на 7 место во Македонија. Како застрашувачки доказ е и бројот на заболени деца на возраст од 0 до 6 години со проблеми со дишењето, каде разликата е скоро двојно помала. Во 2015 година, кога работеше ‘Југохром’, овој број изнесувал 31.446 случаеви, додека во 2017 година кога престана со работа овој број се намалил на 18.578 случаи“, изјави Аријанид Џафери од „Еко герила“.

    Од „Еко герила“ велат дека со ваквиот однос на надлежните кои дозволиле „Југохром“ да работи без потребните филтри направен е своевиден екоцид. Затоа тие ќе ги потикнуваат граѓаните да поднесуваат тужби против загадувачите.

    „Сега почнуваме со нова мисија  – правна помош за граѓаните чие што здравје е оштетено од страна на екоцидот предизвикан од оваа фабрика. Во соработка со адвокати, правници и експерти за заштита на животната средина, ќе им помогнеме на сите оштетени граѓани со тужби за да ја надоместат предизвикана штетата. Исто така, ќе поднесеме кривична пријава до Јавниот обвинител против оние кои ја дозволија и предизвикаа оваа бавна смрт на граѓаните на Тетово и пошироко. Ние сакаме да веруваме дека Обвинителството и судовите сега се во друга фаза и се независни, и ќе го почитуваат Уставот, за разлика од минатото кога беа заробени од страна на политиката и другите странки. ‘Југохром’ скапо ќе плати за труењето на тетовци“, рекоа од „Еко герила“.

    Со одлука на Инспекторатот за животна средина, во 2017 беше прекинато производството во „Југохром“ бидејќи фабриката не успеа во предвидениот рок, согласно А еколошката дозвола што ја има, да постави филтри за отпрашување на отпадните гасови од процесот на производството. Од „Југохром“ повеќе пати нагласуваа дека фабриката не е единствен загадувач на воздухот во тетовско и бараа фабриката да работи паралелно со поставувањето на филтрите кое е во тек.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира