Узурпација на зелените површини, сообраќаен хаос, немање доволно паркинг места, диви депонии, недостаток од вода за пиење во одделни населби, град без јавен превоз, загаден воздух, загадена почва, ова е само дел од забелешките кои еколошкото движење „Екогерила“ ги упатува до градоначалничката на Тетово Теута Арифи и побара од премиерот Зоран Заев да ѝ одземе дел од ингеренциите над градот.
„Тетово во моментов се чувствува како куќа без домаќин. Градоначалничката Арифи и во својот втор мандат не успеа да одговори на потребите, барањата и законските обврски да имаме чиста животна средина и функционален град. Со оглед на фактот дека во предизборната кампања во 2017 година, вие, од позиција на премиер, дадовте отворена поддршка и ги замоливте граѓаните да гласаат за Арифи, ве молиме да ѝ ги одземете ингеренциите за кои таа не успева целосно да управува и да се справува“, се вели во барањето на тетовските екологисти.
Одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, премиерот Заев кажа дека не е запознат со оваа иницијатива, но и дека за одземање на ингеренциите мора да бидат исполнети законски услови.
Од „Екогерила“ прикажаа и видеоматеријал, на кој се гледа како некогашниот зелен простор на улицата Борис Кидрич сега е узурпиран и бетониран за да послужи како паркинг за зградите кои тука се изградени.
Арифи денеска пушташе во употреба реновирана улица во Мала Речица.
„Сакам да им оддадам признание на нашите инспекциски служби, кои успеаја да прочистат многу узурпирани површини, при што се тргнати неколку киосци кои беа бесправно поставени. Ние го спроведуваме проектот ‘Ние проблемот, ние решението‘, со цел преку што повеќе активности да направиме убави работи за луѓето“, изјави таа.
З. АНДОНОВ