Повеќе заклучоци за летното одвивање на сообраќајот во стариот дел на Охрид беа предложени на трибината што пред два дена се одржа во Охрид, но впечаток е дека тие не се разликуваат од претходните кои го регулираа движењето на возилата во старото градско јадро, вели учесник на трибината.
Новиот режим ќе стапи на сила како и изминативе годиниве на први јули и ќе трае до крајот на август. Се предлага жителите од стар град да имаат картички за минување преку рампите што се поставени на Македонски просветители и кај Горна Порта. Новина е што ќе се воведат и налепници за возилата иако и тоа беше користено годиниве. Забрана на движење на возила во овој период ќе има од 19 часот до 5 часот наутро.
Годинава одново се актуелизира една релативно стара идеја на која пред четири години на трибина во Охрид за регулирање на летниот режим на сообраќајот беше побарано воведување на електрични возила.
„Потребни се најмалку четири електрични возила пред рампите кај пристаништето и кај Горна Порта. Тие би превезувале гости кои сакаат да го разгледаат стариот град, да се сместат кај приватните станоиздавачи, да превезат жители на овој дел до нивните домови и до чаршијата. На овој начин ќе се растовари сообраќајот по тесните улици на стар град, но ќе се заштити и природната средина, културно-историските спомници кои страдаат од издувните гасови на автомобилите. Таков пример имаме кај италијанското езеро Лаго, иако е тоа многу помало, а нема и толку жители како стариот дел на Охрид“, вели познат експерт за сообраќај.
Во Охрид со години се бараат решенија за регулирање на сообраќајот во стариот дел, но досегашната пракса покажа дека тие се палијативни и не ги даваат очекуваните ефекти. Жителите се незадоволни од големиот број на возила во текот на летото, а поминувањето низ тесните улички е речиси невозможна мисија.
Д. ЧУБРИЌ