ЕЛЕМ АНАЛИЗИРА ШТО ЌЕ ПРАВИ СО СКИ ТЕРЕНИТЕ НА ВОДНО ОД 15 МИЛИОНИ ЕВРА ШТО ГИ ВЕТИ ВМРО-ДПМНЕ

    ЕЛЕМ АНАЛИЗИРА ШТО ЌЕ ПРАВИ СО СКИ ТЕРЕНИТЕ НА ВОДНО ОД 15 МИЛИОНИ ЕВРА ШТО ГИ ВЕТИ ВМРО-ДПМНЕВо моментов, проектот е во Министерството за транспорт и врски, кое уште нема издадено одобрување на проектот за инфраструктура;- поглед од Водно на Скопје (Фото: Ѓ. Личовски)

    Државната компанија ЕЛЕМ сè уште не знае што ќе прави со проектот за ски терените на Водно, кои претходната Влада најави дека ќе ги гради за скопјани да имаат ски центар во градот. Според проценките, изградбата на ски терените би чинела околу 15 милиони евра. Од ЕЛЕМ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека во моментов надлежните во компанијата го анализираат проектот.

    „Се разгледува и анализира оправданоста и целисходноста на овој проект, но и на сите останати кои не се од основната дејност, производство на електрична енергија“, велат од ЕЛЕМ.

    Во моментов, проектот е во Министерството за транспорт и врски, кое уште нема издадено одобрување на проектот за инфраструктура. Во април, ЕЛЕМ испратил барање за одобрување на урбанистичко-планската документација за оваа градба, односно на проектот за инфраструктура и на три архитектонско-урбанистички  проекти. Во ЕЛЕМ велат дека тоа требало да биде многу порано направено, пред да се оди на други фази.

    „Проектот за инфраструктура не е одобрен од Министерството, а тоа требало да се направи прво, па потоа да се изработи основен проект. Ако Министерството не го одобри  проектот за инсфраструктура во тие рамки како што е сега веќе изработен и ако треба да се направат измени во него, тоа ќе повлече измени и во основниот проект. Ќе треба да се прави нова ревизија на основниот проект, а пак договорот со фирмата за ревизија е истечен, односно фирмата ангажирана на тендер за таа намена веќе направила ревизија на основниот проект, платено ѝ е за тоа и договорот е завршен. Отидено е фаза нанапред со една пропуштена фаза“, велат од ЕЛЕМ.

    Проектот за ски терени на Водно го најави градоначалникот Коце Трајановски во својот прв мандат. Од буџетот на Градот за овој проект беа потрошени 230.000 евра, односно 165.000 за изработка на проектот и 65.000 евра за испитување подземни води. Потоа, во 2014 без објаснување Градот го предаде на државната компанија ЕЛЕМ, која за околу 50.000 евра склучи договор за ревизија на проектот.

    Според проектот на Градот, на Водно треба да се градат четири ски патеки со вкупна должина од 3.850 метри, да се изградат три ски лифотови со вкупна должина од 1.350 метри и два подвижни тепиха со вкупна должина од 160 метри. Треба да се изградат и придружни содржини како ресторан, административна зграда за ски школа, гаража за ратрак, моторни санки, систем за вештачки снег.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
    Booking.com

    Коментари