ЕПИДЕМИОЛОГОТ ОЛУМЧЕВ ГИ МОЛИ НА КОЛЕНА МЛАДИТЕ ГЕВГЕЛИЧАНИ ДА ГИ ПОЧИТУВААТ МЕРКИТЕ, ВЕЛИ ДЕКА СИТУАЦИЈАТА СО БОЛНИ ОД КОРОНАВИРУС Е ТЕШКА

    ЕПИДЕМИОЛОГОТ ОЛУМЧЕВ ГИ МОЛИ НА КОЛЕНА МЛАДИТЕ ГЕВГЕЛИЧАНИ ДА ГИ ПОЧИТУВААТ МЕРКИТЕ, ВЕЛИ ДЕКА СИТУАЦИЈАТА СО БОЛНИ ОД КОРОНАВИРУС Е ТЕШКА„Не забранувам да седат по кафулиња, но нека држат растојание и нека носат маски, зашто потоа заразуваат цели семејства“, вели доктор Олумчев (Фото: СДК.МК)

    Епидемиологот Сашо Олумчев од гевгелискиот Центар за јавно здравје апелираше и ги замоли младите од оваа општина да носат маски и да не се групираат, оти според него, во моментов тие се најголемите преносители и најбројни заболени од ковид-19 во Гевгелија. Таму секојдневно се регистрираат по над 20-тина новозаразени од кои добар дел млади лица, што не беше случај во претходните два ковид-бранови.

    Имајќи предвид дека болничките легла во Гевгелија се исполнети и нема место за нови ковид-пациенти, а медицинскиот персонал е преполовен, Олумчев кажа дека ако треба и на колена ќе ги моли младите да не се групираат.

    „Ги замолувам, ако треба и на колена ќе клекнам, да ги почитуваат превентивните мерки, да носат маски, да држат дистанца и да нема групирања. Посебно ги молам младите кои се собираат по кафулињата да држат дистанца и да не се групираат, оти новите мутации имаат поизразени симптоми. Не забранувам да седат по кафулиња, но нека држат растојание и нека носат маски, бидејќи тие потоа заразуваат цели семејства“, вели доктор Олумчев.

    Во Гевгелија, во моментов има околу 300 активни случаи. Под Центарот за јавно здравје Гевгелија се водат и општините Богданци и Дојран, каде има уште 70 позитивни лица. Олумчев тврди дека потребни се поригорозни контроли на кафулињата до 22 часот, каде младите најчесто се групираат.

    „Што се однесува до прогласувањето на полицискиот час, јас сум скептичен дека тоа ќе даде некои повидливи резултати. И сега гледаме дека кафулињата се преполни за разлика од рестораните кои ги почитуваат здравствените протоколи. Затоа би требало сите надлежни, од полицијата па до инспекциските органи, да вршат поригорозни контроли“, смета Олумчев.

    Според информацијата од директорот на гевгелиската болница Димитар Крџев, сите 16 болнички легла во модуларната ковид-болница во Гевгелија се исполнети. Станува збор за пациенти со потешка клиничка слика. Во дневната амбуланта секојдневно се лекуваат по околу 60 пациенти.

    Во план ни е повторно да го пренамениме Невропсихијатриското одделение за ковид- пациенти, но морам да напоменам дека персоналот ни е десеткуван. Ни фали кадар. Не е проблемот да отвориме нови капацитети, проблемот е што немаме медицински персонал кој ќе се грижи“, кажа Крџев.

    Од почетокот на пандемијата досега, во Гевгелија заболеле околу 1.600 лица, а 36 лица починале од компликации предизвикани од ковид-19.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира