Ветеринарите демантираат дека тие предупредиле и изјавиле дека отровот за глувци расфрлан по јавните површини на Велес е опасен по кучињата и децата. Ова доаѓа откако во вторникот попладне група сопственици на домашни миленици реагираа на почетокот на процесот на дератизација, постапка на уништување на глувци и глодачи, како заштита од заразни болести.
„Кај нас никој се нема јавено да праша за отровот за глувци кој е расфрлан по јавните површини. Така што го немаме видено и не знаеме за кој отров станува збор, ниту пак имаме дадено изјава за неговата штетност“, изјави Димче Димитриевски, директор на Ветеринарната станица во Велес.
Тој кажа дека за настанот и реакциите дознал од социјалните мрежи и досега кај нив не била побарана помош за труење на домашен миленик. Сопствениците на домашни миленици алармираа зошто по градот бил расфрлан отров за глувци, кој бил опасен и за кучињата, но и за децата.
„Ветеринар ни кажа дека отровот е многу опасен и дека треба да внимаваме со нашите домашни миленичиња“, кажа сопственичка на куче.
Од локалната власт претходно соопштија дека во вторникот од раните утрински часови е започната есенската дератизација на јавни површини и објекти кои се во надлежност на Општина Велес. Таа се врши двапати во текот на годината и во наредните денови ќе се изврши на површина од 150.000 квадратни метри, односно на сите јавни површини во градот, како и на двата брега на Вардар, од Башино Село до компанијата „Агриа“ кај вливот на Бабуна.
„Материјалот кој се користи за дератизацијата е селективен, од сертифициран производител и ја третира популацијата на глодарите и затоа не претставува опасност за останатиот животински свет“, соопштија од Општина Велес.
П. ПЕЧКОВ