Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) нема да дозволи големо покачување на цената на струјата за домаќинствата, рече генералниот директор Васко Ковачевски. Тој додаде дека се прават пресметките за цената на електричната енергија што компанијата ќе ја продава на ЕВН Хоум од 1 јули до 31 декември годинава. Се анализираат можностите за намалување на трошоците на компанијата за дополнителни 15 проценти, а истовремено зголемување на производството за дополнителни 20 проценти со што нема да се дозволи големо покачување на цената на струјата.
„Ние ќе успееме да постигнеме значително пониски цени за да можеме на крајот да овозможиме ЕВН Хоум кај регулаторот да побара, односно да добие цена која ќе значи благо покачување на цената за граѓаните. Ние како компанија повторно, уште еднаш ќе покажеме општествена одговорност за граѓаните да не почувствуваат значително покачување на цената на електричната енергија”, рече Ковачевски.
„Се вложуваат максимални напори да се обезбедат дополнителни количества струја и покрај некоректниот и неморалниот чин на дел од општините и малите компании да преминат на регулираниот пазар на електрична енергија кој е наменет за домаќинствата, односно граѓаните“, рече Ковачевски.
Тој рече дека ЕСМ ќе биде подготвена во второто полугодие на годината да ги произведе потребните количини на електрична енергија не само за ЕВН Хоум, туку и за ЕВН Електродистрибуција, за МЕПСО, „па и за дел од институциите во државата кои во овој период силно го трпат ударот на високите цени на отворениот пазар за да може да го ублажиме ударот кај некои од министерствата, особено Министреството за труд и социјална политика во чии ингеренции се градинките или Министерството за образование за училиштата”.
Ж. ЗДРАВКОВСКА