ЕУ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ГОДИНИ ВЛОЖИЛА 900.000 ЕВРА ЗА РАЗВОЈ НА БИТОЛА

    ЕУ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ГОДИНИ ВЛОЖИЛА 900.000 ЕВРА ЗА РАЗВОЈ НА БИТОЛААмбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, денес во Битола изврши обиколка на реализираните проекти со средства од европските фондови. (Фото: СДК.МК)

    Новите живеалишта и греењето со пелети им годат на макаки мајмуните во битолската Зоолошка градина, па директорот Ѓоко Дамевски рече дека имаат голема принова и можат да позајмат од овие животни и на други зоолошки градини. Реконструкцијата на десетина живеалишта за животни и друг простор во Зооградината беше направена пред четири години со средства од ЕУ во износ од 510 илјади евра. Амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, денес во Битола изврши обиколка на реализираните проекти со средства од европските фондови. Посетата беше во рамки на кампањата „ЕУ за тебе“ која има за цел да ја подигне свеста и да се информира јавноста за помошта од ЕУ во земјата.

    Во изминатите неколку години ЕУ инвестираше над 900.000 евра во Битола преку проекти од Програмата за прекугранична соработка со Грција. Беа инвестирани 240,000 евра за основање на мобилна детска градинка во која се нудат алтернативни предучилишни активности за маргинализирани деца на предучилишна возраст од руралните и оддалечените области во Битола. Понатаму 150 000 евра беа вложени во лабораторија, отворена на универзитетот „Св. Климент Охридски“, специјализирана за работа со матични клетки. Парите беа инвестирани за инфраструктура во лабораторијата, трансфер на технологија, за обука на кадарот и за работните протоколи за изолација на матични клетки. Оваа лабораторија за матични клетки овозможува да се прават истражувања за канцер и да се соработува со други медицински установи во областа на регенеративната медицина. Амбасадорот Жбогар ги праша одговорните дали веќе се вршат некакви анализи во лабораторијата и дали се користи опремата зашто како што рече изгледа како нова. Надлежните му рекоа дека веќе се користи, а потребни се уште средства за таа да се доразвие.

    „Имав можност да научам за многу предизвици со кои се соочува општина Битола и граѓаните. Научив многу повеќе за загадувањето на воздухот, менаџирање на отпадните води, за проблемите со кои се соочувате во сферата на образованието, со долговите што ги имаат различните школи во Битола. Примарно разговаравме со градоначалничката за идни можни проекти со кои ЕУ може да помогне во развој на општината. ЕУ би можела да помогне во проектот со пречистителна станица и други можности во рамки на Националниот парк Пелистер, како во развојот на алтернативниот туризам“, рече Жбогар.

    Битолската градоначалничка Наташа Петровска рече дека поддршката од ЕУ во изминатиот период била несебична и изрази убедување дека граѓаните тоа го забележуваат таквиот придонес.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира