ЕВРОАМБАСАДОРОТ ЖБОГАР Е ОПТИМИСТ ДЕКА МАКЕДОНИЈА СЛЕДНАТА ГОДИНА ЌЕ ГИ ПОЧНЕ ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ

    ЕВРОАМБАСАДОРОТ ЖБОГАР Е ОПТИМИСТ ДЕКА МАКЕДОНИЈА СЛЕДНАТА ГОДИНА ЌЕ ГИ ПОЧНЕ ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ„Вратите на ЕУ остануваат ширум отворени и за Западниот Балкан и за вашата земја“, кажа Жбогар на изложбата за ЕУ на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово (Фото: СДК.МК)

    Амбасадорот на Европската Унија во Македонија Самуел Жбогар е оптимист дека Македонија ќе смогне сили и ќе успее да направи заеднички договор помеѓу сите политички и етнички чинители во земјата за остварување на единствената цел отпочнување преговори за влез на Македонија со семејството на Европската Унија.

    „Што се однесува на Западен Балкан и попрецизно на вашата земја, а тоа пред неколку дена јасно го повтори и високата претставничка на ЕУ Могерини, јасно и уште еднаш е потенцирано дека вратите на ЕУ остануваат ширум отворени и за Западниот Балкан и за вашата земја. Ние се надеваме дека 2018 година ќе биде можност да се направат неповратни чекори напред кон ЕУ интегративниот процес на вашата земја. Јас сум сигурен и убеден дека ако сите политички партии во земјата и сите етнички групи во земјата се обединат околу едната и единствена цел, ако направат неповратни чекори во испорачување на реформите во судството, јавната администрација како и во безбедносниот сектор и ако ги на прават сите напори да го сменат однесувањето и менталитетот во вашата земја, јас сум повеќе од сигурен дека ние ќе видиме прогрес во односите помеѓу вашата земја и ЕУ и дека конечно, следната година, ќе можеме да дојдеме до долго очекуваната и долго посакуваната цел а тоа е отворање проговори со Европската Унија“ изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар.

    На новинарско прашање дали тој лично е оптимист дека Македонија ќе успее идната година да го испорача ова што го бара ЕУ амбасадорот Жбогар кратко и одлучно изјави „Да, сум оптимист“.

    Оваа изјава амбасадорот Жбогар ја даде при отворањето на изложбата 60 години од потпишувањето на Римскиот договор која се отвори на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Како што беше речено на отворањето, изложбата има две значења, првото е што годинава се одбележуваат 60 години од потпишувањето на Римскиот договор кој претставува почеток на она што денес го знаеме како Европска Унија а втората причина за оваа изложба е таа што преку неа се дава можност да се направи осврт наназад и да се види процесот на еволуцијата на Европската Унија како и успесите кои земјите членки на ЕУ и нивните граѓани ги имаат почуствувано досега. На отворањето на изложбата покрај ректорот на УЈИЕ Замир Дика присуствуваше и италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира