ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА Е ЗАГРИЖЕНА ЗА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028, ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ ПРИКАЖАЛЕ ШТО ДОСЕГА Е СРАБОТЕНО

    ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА Е ЗАГРИЖЕНА ЗА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028, ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ ПРИКАЖАЛЕ ШТО ДОСЕГА Е СРАБОТЕНОГрадоначалничката на Скопје Данела Арсовска и поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска со тимовите по прогласувањето во Брисел лани во септември.(Фото: Твитер - Х)

    Одбор во Европската Комисија (ЕК) изразил загриженост од информациите кои ги добил од претставници од Македонија за активностите околу организирањето на настанот Скопје Европска престолнина на културата 2028, стои меѓудругото во извештајот објавен на официјалната Интернет-страница на ЕК.

    Лани во септември во Брисел, во присуство на делегација на чело со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и тогашната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, Скопје ја доби титулата за Град на културата во Европа зa 2028. Како што е најчеста пракса Скопје ќе ја дели оваа титула,  со градовите Ческе Будјејовице во Чешка и Бурж во Франција.

    Како што стои во извештајот, во октомври годинава се одржал онлајн состанок помеѓе шестмина членови на Одборот од Комисијата и по еден претставник од Град Скопје и Универзалната сала, на кои не им се објавени имињата. На состанокот учествувале и набљудувачи од Европската Комсија, од Европската делегација во Македонија, како и од Секторот за евроинтеграции при Министерството за култура.

    Состанокот почнал со кратка презентација на еден од претставниците од Скопје, кој рекол дека целта на настанот Скопје европска престолнина на културата 2028 е да ги обедини сите граѓани преку уметност и култура, поттикнување радост и инспирација „да создадеме подобра иднина заедно.“

    Пред да се разгледаат шесте критериуми со кои се регулираат активностите за европската престолнина на културата, Одборот изрази значителна загриженост дека извештајот поднесен од Град Скопје не се придржувал до деталните упатства дадени од Европската Комисија во однос на специфичната содржина потребна за извештајот за напредокот на ЕКП 2028.

    САКАМДАКАЖАМ.МК испрати неколку прашања до Град Скопје, Министерството за култура и до Делегацијата на ЕУ во Скопје, до каде се активностите и дали е загрозена титулата на Скопје. Министерството и Канцеларијата на Делегацијата нѐ упатија сите одговори да ги бараме во Градот, од каде пак, до објавување на текстот не одговорија на нашите прашања.

    Од Делегацијата на ЕУ во Скопје, единствено на прашањето „Дали е загрозена титулата на Скопје“, одговорија:  „Европската комисија ги следи случувањата поврзани со овој процес“.

    Во извештајот, меѓудругото стои дека по првичната дискусија, Одборот продолжил да се распрашува за статусот на шесте критериум и за преземените мерки за мониторинг и евалуација. Претставникот од град Скопје изјавил дека во оваа фаза, не биле преземени мерки за мониторинг и евалуација.

    Од прогласувањето на одлуката во Брисел. (Фото: Принтскрин од видео)

    „Одборот се распрашуваше за моменталниот статус на развојот на културната програма и за идните ажурирања. Сосема конкретно, Одборот сакаше прецизни информации за тоа кој работи на културната програма, колку проекти од тендерските постапки беа потврдени во оваа фаза, како планирале да продолжат да ја развиваат програмата и врз основа на која критериуми. Понатаму, Одборот сакаше да знае кога Градот Скопје очекува да може обезбеди ажурирана програма Скопје 2028  и детален буџет. Претставникот на Градот Скопје ги спомена тековните културни активности кои се одвиваат во градот кои не беа конкретно релевантни за Скопје 2028  и не наведоа специфики за проектите поврзани со Европската престолнина на културата. Градскиот претставник истакна дека ажуриран  список со активности и програма ќе биде изготвен, но не беше утврдена јасна временска рамка. Одборот, исто така, забележа дека на Интернет страницата за Скопје 2028 година, наведениот телефонски број за контакт изгледа необичен и сакаше да знае дали беше грешка или оригинален телефонски број. Претставникот од Градот Скопје не беше свесен за ова и го увери Одборот дека ќе го разгледа ова“, стои меѓудругото во Извештајот.

    Членовите на Одборот исто така побарале појаснување за улогите на двајцата претставници од Градот и Универзалната сала, споредувајќи ги со претставниците првиот првиот мониторинг состанок, бидејќи тие се разликувале од тимот кој раководеше со Скопје 2028 кога одборот го посетил Скопје во 2024 и на изборот во Брисел во 2023. Дополнително, Одборот побара информации во однос на структурата, составот и функционирањето на Координативното тело, како и неговиот однос со извршниот тим на ЕПК и различните територијални нивоа на власт и јавната администрација.

    Одборот бил известен дека изборот на независно Координативно тело доцнело поради претседателските и парламентарни избори и дека ќе биде формирано најдоцна до почетокот до средината на ноември 2024. Новото Кооринативно тело ќе го сочинуваат 13 членови: тројца од Град Скопје, тројца од Министерството за култура и седум јавно познати лица, кои ќе влезат во телото преку отворени повици. Претставникот на Град Скопје го увери Одборот дека новото тело ќе функционира во рамките на канцеларијата на Град Скопје, но независно со своја законска рамка.

    „Претставникот од Град Скопје го извести Одборот дека статутите за телото за доставување ќе бидат испратени до Европската комисија во рок од една недела од 8 октомври 2024 година. Одборот изрази длабока загриженост дека сè уште немало формирано тело за организирање и покрај уверувањата дадени од градоначалничката на Скопје за време посетата на делегацијата од Одборот во април 2024. Одборот беше изненаден кога дозна дека привремениот тим претходно одговорен за Скопје 2028 повеќе не беше ангажиран во процесот на ЕКП. Не беше понудено објаснување зошто претходниот тим бил заменет и претставникот од Град Скопје го увери Одборот дека е обезбеден континуитет“, вели извештајот.

    Одборот потенцирал дека по неодамнешните избори имаше значајни политички промени на национално ниво и дека процесот сериозно влијаеше на напредокот на подготовките за Скопје 2028. Со приближувањето на локалните избори следната година,  Одборот сакал да знае како потенцијалната политичка промена во градот може да влијае на напредокот Скопје 2028, дали може дополнително да се загрози и какви мерки се преземаат за да се обезбеди негова успешна организација, без разлика која партија би можела да биде на власт по следните избори.

    „Претставникот од Град Скопје одговори дека единствена мерка навистина возможно во оваа фаза беше да се обезбеди независност на телото за организација и дека ќе се воспостави четиригодишен мандат за спроведување на Скопје 2028 година“, стои во извештајот.

    Одборот се распрашувал за статусот на финансиската поддршка за проектот, конкретно барајќи гаранција за 129 милиони евра предвидени исклучиво за оперативвните активнсоти, како што уверувала поранешната министерка за култура за време на последното сослушување за избор во Брисел во септември 2023 година, дека тоа нема да се меша со буџетот за капитални расходи од 43 милиони евра.

    „Одборот исто така, сакаше да знае дали беа потпишани финансиски договори со Министерството за култура и кој, всушност, управува со буџетот на ЕКП. На состанокот беа истакнати критичните области во кои Скопје мора значително да се подобри за да ги исполни своите обврски како една од трите европски престолнини на културата 2028. Градот има задача строго да се придржува до ветувањата наведени во понуда која му донесе победа“, стои во обемниот извештај со заклучоци и препораки.

    Дополнителни онлајн состаноци со Европската комисија и Одборотт може да бидат закажани во наредните месеци за да се осигураат дека проектот „Скопје 2028“ целосно почнува, потенцијално проследен со посети на самиот град, натамошен ангажман и надзор.

    На 11 декември, американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер најави дека скопскиот Аквадукт, споменик на културата од особено значење и значаен белег на градот, ќе биде реставриран со грант од 205.000 долари од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД и додаде: „Се надеваме дека ќе ги видиме плодовите од овој комплексен проект до 2028 година, навреме за прогласувањето на Скопје за европска престолнина на културата“.

    Во октомври, министерот за култура и туризам Зоран Љутков рече дека зградата на Централната пошта во Скопје ќе биде реновирана и ќе има намена за мултифункционален комплекс кој ќе биде подготвен и за потребите на Скопје – Европска престолнина на културата 2028.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира