Педесетина доктори специјалисти недостасуваат во Општата болница Куманово, во која што лекарска услуга добиваат околу 200.000 пациенти од североисточниот регион. Во болницата во моментот работат 75 специјалисти, а голем дел од нив се пред пензија или над 50 годишна возраст.
„Фалат лекари во сите сегменти, но најалармантно е во анестезиолошката служба, потоа инфектолози, радиолози, имаме само еден специјалист по физикална медицина, во лабораторијата фали специјалист, на гинекологија фалат лекари. Добро се екипирани само интерното оддление и хирургија. Колку е поголема екипираноста на стручниот кадар, толку е подобар квалитетот на здравствената услуга“, изјави директорката Снежана Захариева.
Во болницата има 660 вработени, но и голем недостиг на друг стручен медицински персонал. Болницата има потреба и од општи лекари за дежурства во Ургентаната амбуланта, како и медицински сестри, техничари, болничари, па и хигиеничари.
Новата директорка се надева дека Министерството за здравство ќе има разбирање за проблемот и ќе ги распише ургентно потребните специјализации.
„По локалните избори ќе се распише конкурс со кој ќе се примат нови доктори. Работиме на проблемот, кадарот не е проблем само во Куманово туку во целата држава, со исклучок на Скопје, сите други градови кубурат со лекари, медицински сестри и останат помошен персонал. Мислам дека има околу 400 невработени лекари во Македонија и сите ќе го најдат своето место, но мора да знаете дека специјалисти многу тешко се прават, треба дополнителна едукација од 4-5 години, дојдовме во една состојба кога многу млади лекари заминаа во странство. Тој тренд на заминување мора да го спречиме, да им дадеме специјализации и да ги мотивираме“, изјави д-р Гоце Чакаровски, заменик министер за здравство, кој денеска ја посети Кумановската болница за да го промовира проектот „Добредојде бебе“.
Кумановската болница како регионален центар пружа здравствени услуги на пациентите и од Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Липково, Старо Нагоричане и Липково.