ФЕКАЛИИ ВО ЕЗЕРОТО НЕМА ДА ИМА ОТИ ЗАКОНСКИ НЕ МОЖАТ ДА НИ ЈА ИСКЛУЧАТ СТРУЈАТА, ВЕЛАТ ОД ЈП „КОЛЕКТОРСКИ СИСТЕМ“ КОЕ ИМА ДОЛГ КОН ЕВН

    ФЕКАЛИИ ВО ЕЗЕРОТО НЕМА ДА ИМА ОТИ ЗАКОНСКИ НЕ МОЖАТ ДА НИ ЈА ИСКЛУЧАТ СТРУЈАТА, ВЕЛАТ ОД ЈП „КОЛЕКТОРСКИ СИСТЕМ“ КОЕ ИМА ДОЛГ КОН ЕВНПотрошувачката на електрична енергија за работа на 18-те препумпни станици е голема поради застареноста на пумпите со што се очекува сметките за струја во зимскиот период драстично да го зголемат долгот кон ЕВН. - Плажа на Охридско езеро со колектор (Фото: СДК.МК)

    Високите сметки за струја можат да го остават државното јавно претпријатие „Колекторски систем“ без електрична енергија. Еколозите стравуваат дека ваквата состојба може да доведе до еколошка катастрофа со директно влевање на фекалиите во Охридското езеро, а од ЈП „Колекторски систем“ смируваат дека нема да дозволат исклучување на системот од снабдување со струја.

    Директорот на ЈП „Колекторски систем“ Владимир Алексијоски вели дека и покрај тоа што претпријатието не може да ја сервисира последната сметка, која е за седум пати повисока од претходно и изнесува 9 милиони денари, постојат законски механизми со кои системот не може да остане исклучен од напојување.

    „Ние во никој случај нема да дозволиме да останеме исклучени од снабдување со електрична енергија. Постојат законски регулативи според кои токму ваквите претпријатија кои обавуваат ваква дејност, во никој случај не може да биде оставена без снабдување со електрична енергија. Согласно законските регулативи ние ќе побараме времена мерка со која што ќе му биде наложено на добавувачот на електрична енергија да ја вклучи во истиот момент. Може да биде во прашање половина до еден час, при што ние ќе постапиме согласно законот и гарантираме дека во тој половина или еден час време нема да има никаде излевање“, вели Алексијоски.

    Тој уверува дека нема да дојде до исклучување на системот од снабдување со струја и влевање на нетретирана канализациона вода во Охридското езеро.

    Дополнително, претпријатието има долг кон ЕВН од 40 милиони денари. Потрошувачката на електрична енергија за работа на 18-те препумпни станици е голема поради застареноста на пумпите со што се очекува сметките за струја во зимскиот период драстично да го зголемат тој долг.

    Од ЈП „Колекторски систем“ излез гледаат во поставување фотоволтаици кај пречистителната станица во Ложани каде согласно пресметките има можност да се инсталира 1,6 мегавати моќност.

    „Таа струја во целост ја покрива месечната потрошувачка на електрична енергија на претпријатието“, додаваат оттаму.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира