ФЕКАЛНА ВОДА СЕ ИЗЛЕВА ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ИЗМЕШАНА СО АТМОСФЕРСКА КАНАЛИЗАЦИЈА

    ФЕКАЛНА ВОДА СЕ ИЗЛЕВА ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ИЗМЕШАНА СО АТМОСФЕРСКА КАНАЛИЗАЦИЈАЗаматената дамка во езерото е од пробивање на колекторскиот систем - аматерска фотографија

    Истекувањето матна вода во Охридското Езеро кај вливот на реката Грашница во населбата Воска најверојатно е последица на зголемениот водостој на водите по обилните врнежи од дожд и топењето на снегот е заклучокот од вонредниот инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) каде стои дека во испустите за атмосферските води најверојатно имало и фекална вода од колекторскиот систем.

    „Веднаш до фудбалското игралиште има два испусти за атмосферски води од кои во моментот на увидот течеше заматена вода која веројатно е измешана со фекална вода од колекторскиот систем. Исто така, направен е увид во препумпната станица во населба Даљан каде што станицата беше во функција“, велат од Државниот инспекторат за животна средина.

    Додаваат дека согласно регулативата одведувањето на отпадните и урбани води е во надлежност на општинската инспекција, поради што бил известен овластениот инспектор од Општина Охрид кој излегол на увид, а во меѓувреме биле контактирани и надлежните служби од ЈП „Колекторски систем“ кои излегле на лице место и во присуство на Државен инспектор за животна средина, раководителот на општинскиот инспекторат и овластен инспектор за животна средина, било константирано дека од испустите не истекува никаква вода.

    „Потоа беше направен увид во препумпната станица во населба Даљан каде што беше константирано дека нивото на отпадна вода во базенот е намалена. Од страна на стручните служби беше изјавено дека има дополнителна потопна пумпа која автоматски се приклучува. Исто така беше извршен увид и по текот на реката Грашница (Сушица) на улицата Железничка, Прилепска и 15-ти корпус, каде што водостојот е значително зголемен и водата е матна“, потенцираат од инспекторатот.

    Револтиран жител на овој дел на градот, преку допис до медиумите вели дека проблемот трае подолг период.

    Цевката кај плажата Грашница од каде што фекалната канализација се излево во Езерото (Фото: аматерска фотографија)

    „Живеам на 200 метри од ова место, а одам на плажа на километри од тука. Ова деновиве е еден подобар момент. Интересното е во јули и август кога преку цела плажа има израснати пиперки, патлиџани, лубеници и други растенија, зависно од тоа што сме конзумирале ние жителите од таа населба. А таа цевката што ја гледате е канализација. 50 метри погоре поминува канализацијата, но поради малиот капацитет целото ова ѓубре го исфрлаше преку шахтата на улица. Но, за среќа се нашол некој паметен и со еден бајпас го решил проблемот. После оваа цевка на едно 50 метри има уште една канализација што течи во езеро. Таа е на другиот крај од игралиштето“, вели во дописот.

    Екологистите исто така години наназад реагираат на непријатната миризба која се шири во овој дел од крајбрежjето и бараат од надлежните што побргу да преземат конкретни мерки.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира