ФИЛТРИТЕ ВО РЕК БИТОЛА НЕ СЕ РЕКОНСТРУИРАНИ 37 ГОДИНИ

    ФИЛТРИТЕ ВО РЕК БИТОЛА НЕ СЕ РЕКОНСТРУИРАНИ 37 ГОДИНИСо реконструктивниот зафат дури за пет пати ќе се намалат емисиите на прашина од оџаците на РЕК Битола, а бидејќи не можат оддеднаш да се исклучат сите три блока, освежувањето на филтрите ќе се извршува еден по еден во периодот од 2020 до 2022 година. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Цели 37 години не се направени никакви реконструкции, ниту какви било други крупни зафати врз електростатските филтри на блоковите во РЕК Битола. Филтрите кои ја намалуваат емисијата на прашина во воздухот на првиот и вториот блок биле градени во периодот од 1979 до 1982, на третиот блок во 1986 година, а до денес не добиле никаква ревитализација. Дури и кога во 2007 била започната постапката за добивање на А интегрирана дозвола, иако намалувањето на прашината бил еден од условите, сепак, не се започнало со освежување на филтрите.

    Сега за првпат е почната постапка за реконтрукција на електростатските филтри на блоковите, а ЕСМ ќе вложи 20,4 милиони евра сопствени средства за подобрување на животната средина.

    „Мора да кажеме дека самата постапка бара време. Ова е почеток на таа постапка. Тендерот е распишан кон крајот на март, а избраниот економски оператор ќе почне со реконструкцијата на филтрите на почетокот на 2020 година. Во следните три години ќе се реконструираат сукцесивно филтрите на сите три блока на РЕК Битола. За овој проект имаме предвидено 20 милиони евра и ова е еден од најзначајните зафати за ЕСМ“, рече Драган Миновски, генерален директор на ЕСМ при последната посета на РЕК Битола.

    Тоа ќе биде доста сложен зафат зашто само еден филтер, а ги има три, е висок 24 метри, со должина од 20 метри. Тоа не е обичен филтер поставен на оџак, туку цел објект голем колку десеткатница. Експертите велат дека за време на реконструкцијата блокот не смее да работи, па ќе мора да е во капитален ремонт. Бидејќи не можат оддеднаш да се исклучат сите три блока, освежувањето на филтрите ќе се извршува еден по еден во периодот од 2020 до 2022 година.

    Со реконструктивниот зафат дури за пет пати ќе се намалат емисиите на прашина од оџаците на РЕК Битола. Тие сега пропуштаат до 100 милиграми прашина на метар кубен. Во меѓувреме, се поставија нови норми до 50 милиграми на метар кубен, а реконструираните филтри ќе испуштаат најмногу до 20 милиграми на метар кубен, според директивите на ЕУ.

    И сегашните филтри иако стари помагаат во заштитата, покажуваат податоците. Тие се проектирани на влез за 48,5 грама на метар кубен прашина, а на излезот до 100 микрограми на метар кубен. Тоа значи дека ако не работи филтерот, 17,42 килограми во секунда ќе се исфрла прашина во воздухот. Такви ситуации нема, што е показател дека филтрите работат секој ден по 24 часа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира