ФЛАМИНГАТА СЕ БЕБИЊА, ЌЕ ЈА ДОБИЈАТ ПРЕПОЗНАТЛИВАТА РОЗЕВА БОЈА КОГА ЌЕ ПОРАСНАТ, ВЕЛАТ ОД ЗООЛОШКАТА ГРАДИНА ЗА НОВИТЕ ЖИТЕЛИ

    ФЛАМИНГАТА СЕ БЕБИЊА, ЌЕ ЈА ДОБИЈАТ ПРЕПОЗНАТЛИВАТА РОЗЕВА БОЈА КОГА ЌЕ ПОРАСНАТ, ВЕЛАТ ОД ЗООЛОШКАТА ГРАДИНА ЗА НОВИТЕ ЖИТЕЛИЗа првпат во скопската градина има 15 од овие егзотични птици, кои се од видот големо или розево фламинго. (Фото: Град Скопје)

    Во скопската Зоолошка градина од денеска посетителите можат да ги видат новите жители фламингата. За првпат во скопската градина има 15 од овие егзотични птици, кои се од видот големо или розево фламинго. Стари се околу една година и како што велат од Золошката, затоа уште ја немаат розевата боја по која се препознатливи.

    „Станува збор за нежни птици, па затоа посетителите ќе можат да ги набљудуваат преку прозорец. Се хранат со специјална храна односно ракчиња кои ги набавуваме од Германија. Со текот на времето, како ќе растат ќе ја менуваат бојата. До пет години ќе ја добијат розевата боја“, рече директорот на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски.

    За фламингата ќе се грижат зоо негувателите Војо и Маја, кои велат дека птиците одлично се привикнале на Зоолошката и сметаат дека имаат едно од најубавите живеалишта.

    „Фламингата се мирни, уживаат во живеалиштето кое го градевме со многу љубов. Носевме земја и растенија од различни места, за да го направиме егзотично и специфично“, вели зоо негувателот Војо Иванов.

    Галетановски вели дека летово ќе стигнат пингвините, а во август ќе биде отворен Дино паркот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира