ГАНИУ Ѝ ИСТУРИ ЃУБРЕ НА АРСОВСКА ПРЕД ГРАД СКОПЈЕ, ТАА ГО ПРАША ЗОШТО ВЕДНАШ ИЗБЕГАЛ НИЗ ПАРК КОГА ДОЗНАЛ ДЕКА ДОАЃА

    ГАНИУ Ѝ ИСТУРИ ЃУБРЕ НА АРСОВСКА ПРЕД ГРАД СКОПЈЕ, ТАА ГО ПРАША ЗОШТО ВЕДНАШ ИЗБЕГАЛ НИЗ ПАРК КОГА ДОЗНАЛ ДЕКА ДОАЃАГаниу со 30-тината граѓани и камион полн со ѓубре тргнаа пешки од Чаир до Град Скопје и го расфрлија ѓубрето пред влезната врата на Градот. (Фото: 4Њуз)

    Градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу доцна синоќа ѝ истури ѓубре на градоначалничката Данела Арсовска пред нејзината канцеларија во Град Скопје. Ганиу со 30-тината граѓани и камион полн со ѓубре тргнаа пешки од Чаир до Град Скопје и го расфрлија ѓубрето пред влезната врата на Градот.

    Ганиу кажа дека го донеле ѓубрето кај Арсовска бидејќи таа и ЈП „Комунална хигиена“ не ги чистат контејнерите и општината е затрупана во смет, по што си заминаа.

    Кусо после тоа, пред Град Скопје дојде Арсовска и нејзиниот тим и вклучувајќи се во живо на нејзниот фејсбук профил го праша Ганиу зошто веднаш избегал и не ја почекал да се соочат.

    „Висар го собираше ѓубрето од дивоградбите и  пак нелегално го истурил, сега пред  Град Скопје. Се задржа пред Градот само три минути. Кога му пишав дека доаѓам одма фатил да бега низ паркот. Вики кај си бе, зошто бегаш? Да си маж ќе ме чекаше тука да дојдам и да ти ги покажам документите за твоите криминали“, рече Арсовска.

    Градоначалниката Арсовска изминативе две недели објавува документи за градба на дивоградби и незаконска легализација на дивоградби во Општина Чаир од градоначалникот Ганиу. Таа со нејзиниот тим оди на локациите каде се наоѓаат дивоградбите и го вика Ганиу да дојде да се соочи со неа.

    „Денеска си бришел во Катастар документи, се обидуваш да го скриеш криминалот, но ние си ги обезбедивме службено документите од Катастар пред ти да почнеш да ги бришеш за да си го скриеш криминалот“, рече синоќа Арсовска.

    Обвинителството вчера соопшти дека добило известување од СВР Скопје за дивоизградените објекти во Општина Чаир кои ги објавува Арсовска.

    „Во однос на сомненијата за објекти-дивоградби во Општина Чаир, Основното јавно обвинителство Скопје прими известување од СВР Скопје по кое веќе се постапува. Воедно, потсетуваме дека сите службени лица кои имаат сознанија или докази за извршено кривично дело имаат законска обврска тоа да го пријават на надлежните органи“, велат од Обвинителството.

    А, АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира