ГЕМИЈАТА ДА СЕ ПОСТАВИ КАЈ МАЛО МОВЧЕ ВО ВЕЛЕС ЗА ДА ПРИВЛЕКУВА ТУРИСТИ, ПРЕДЛОЖИ НИКОЛОВ, ЧЛЕН НА ОПШТИНСКИОТ СОВЕТ

    ГЕМИЈАТА ДА СЕ ПОСТАВИ КАЈ МАЛО МОВЧЕ ВО ВЕЛЕС ЗА ДА ПРИВЛЕКУВА ТУРИСТИ, ПРЕДЛОЖИ НИКОЛОВ, ЧЛЕН НА ОПШТИНСКИОТ СОВЕТВелешкиот општински советник Марјан Николов вели дека гемијата може да стане туристичка атракција (Фото: СДК.МК)

    Членот на Советот на  Општина Велес, Марјан Николов предложи гемијата, која до пред некоја година пловеше по реката како дел од Вардарската регата, да се постави во Велес, кај Мало мовче. Таа би била можност за туристите да видат како пред стотина години и повеќе, се пловело до Солун и се тргувало од Велес до Западна Европа.

    „Во  годишниот извештај, за Вардарската регата, пишува дека големата гемија, во догледно време не може да се користи за пловење по Вардар, бидејќи такви биле условите. Не е добро да стои затворена и се чува далеку од јавноста, да не се користи.  Затоа мој предлог во Буџетот за догодина е да се предвидат средства за постамент и да се постави на кејот на река Вардар или покрај споменикот на Гемиџиите. Така ќе биде туристичка атракција, зад која ќе стои приказната за велешките трговци како ја носеле стоката до Солун и приказната зошто Гемиџиите така се нарекле. Приказната секогаш се продава. И така градот во некое догледно време,  треба да развие приказни за да привлече туристи. Тие ќе се сликаат и тоа е можност да остават средства при престојот во  Велес“, кажа Николов.

    Поради пловноста на Вардар, гемијата на почетокот на 19. век, ги заменила карваните кои станале несигурни и небезбедни.  Гемијата  го заменила и сплавот кој  не бил функционален, па чамецот станал ново превозно средство.  Пристаништата биле и градилишта, бидејќи сплавовите и гемиите имале билет за еден правец, само кон Солун.  До таму се патувало 3 до 5 дена.  Со пуштањето на железничката пруга Солун- Велес во 1873 година железницата станала побрз и поефикасен начин за транспорт на стоките и пловењето полека замирало.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира