Гемијата, чамец што пловел по Вардар пред повеќе од еден век, а чија реплика беше изработена во 2014 година, треба да биде поставена на Вардар во центарот на Велес и да стане туристичка атракција, предлага Ангелче Гушев од извидничкиот одред кој е организатор на Вардарската регата, за чии потреби беше изработена гемијата.
Гемијата била чамец со кој во 19 век велешките трговци ја пренесувале стоката по Вардар до Солун.
„Потребно е гемијата да се постави кај Мало Мовче и да биде дел од туристичката понуда. Покрај неа да има уште две гемии, за да можат гостите и туристите да запловат по Вардар, а градот да добие нова туристичка атракција и оригинална понуда. Треба да ја шириме приказната за велешките трговци, кои уште во 19 век ја превезувале и продавале стоката со гемии по Вардар“, вели Гушев.

Гемијата е долга пет и пол, широка 2,6 метри и тешка еден тон, а може да прими осум лица, од кои двајца се веслачи (Фото: СДК.МК)
Стево Коневски заедно со Мето Ѓоргиев ја изработија гемијата во пролетта 2014, според нацрт на Љупчо Данов. Таа е долга пет и пол, а широка 2,6 метри и тешка е еден тон. Може да прими осум лица, од кои двајца се веслачи. Гемијата се чува во објект, заштитена од временските услови, и не се користи бидејќи е тешко да се плови по Вардар со неа и потоа да се транспортира назад до Велес. Има двојно дно за да се спречи продирање вода, а во меѓупросторот има слој од стиропор. Поставени се и две клупи за седење.
Гемијата во првата половина на 19 век ги заменила карваните што превезувале стока од Велес до Солун. Овие чамци до таму пловеле за три до пет дена. Првите вакви гемии се регистрирани околу 1830 година. По пристигнувањето во Солун, тие се расклопувале и се продавале како дрво за огрев, бидејќи било неисплатливо да се враќаат во Велес.
Со пуштањето во употреба на железничката пруга Солун-Велес во 1873 година, железницата станала побрз и поефикасен начин за транспорт на стоката, а пловењето по Вардар постепено замрело.
П. ПЕЧКОВ



