ГЕРМАНИЈА ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА ПОДДРЖУВА МАЛИ ПРОЕКТИ ВО ОПШТИНИТЕ, КАЖА АМБАСАДОРОТ ТОМАС ГЕРБЕРИХ ВО ПРИЛЕП

    ГЕРМАНИЈА ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА ПОДДРЖУВА МАЛИ ПРОЕКТИ ВО ОПШТИНИТЕ, КАЖА АМБАСАДОРОТ ТОМАС ГЕРБЕРИХ ВО ПРИЛЕПВажно е Германија и Македонија да соработуваат и на локално ниво. - Германскиот амбасадор во Македонија, Томас Герберих, со градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски

    Амбасадорот на Германија во Македонија, Томас Герберих, за првпат го посети Прилеп, откако пред пет месеци стапи на новата должност. Тој беше пречекан од градоначалникот Илија Јованоски, кој го запозна со проектите што Општина Прилеп планира да ги реализира оваа година.

    „Амбасадорот се интересираше за состојбите во нашиот град, разговаравме за генералната состојба во Општината и се договоривме за начинот на којшто во наредниот период ќе се одвива нашата соработка. Тој искажа подготвеност германската амбасада да помогне во оние области каде што на Општина Прилеп ѝ е најмногу потребна помош“, изјави Јованоски.

    Иако Германија и Македонија долги години соработуваат на најразлични полиња, Герберих истакна дека му е важно тоа да се случува и на локално ниво.

    „Мојата сопруга и јас веќе пет месеци сме во Македонија и сметавме дека е вистинско време подобро да ја запознаеме државата и да ги поддржиме новата Влада и нејзините реформи. Градоначалникот ме информираше за актуелната ситуација и од тоа произлегоа почетни точки, врз кои што во иднина би можеле да соработуваме. Амбасадата поддржува мали проекти со средствата на сојузното Министерство за надворешни работи. Минатата година, во Прилеп спроведовме два, кои сега свечено ги примопредадовме. Тоа се кабинетот по биологија во средното медицинско училиште и индустриска машина за перење алишта во домот за стари лица“, кажа амбасадорот Герберих.

    За овие донации, амбасадата на Германија обезбедила вкупно 740.000 денари.

    Само преку „КФВ банката“, Германија во изминатите години инвестирала 320 милиони евра во проекти во Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира