ГИМНАСТИЧАРИТЕ ОД БИТОЛА НА ПРОТЕСТИ ОТИ САЛАТА ВО КОЈА ТРЕНИРААТ ЌЕ СЕ ИЗДАВА И НА ДРУГИ  СПОРТИСТИ, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ДЕКА ЗАКУПЕЦОТ ВРШЕЛ ЗЛОУПОТРЕБИ 

    ГИМНАСТИЧАРИТЕ ОД БИТОЛА НА ПРОТЕСТИ ОТИ САЛАТА ВО КОЈА ТРЕНИРААТ ЌЕ СЕ ИЗДАВА И НА ДРУГИ  СПОРТИСТИ, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ДЕКА ЗАКУПЕЦОТ ВРШЕЛ ЗЛОУПОТРЕБИ Од Општина велат дека закупецот „Џокер Турист“ има долгови и го реиздавал просторот со што правел профит на сметка на спортот. (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола сака да ни ја одземе салата во која над 80 години е сместен клубот на гимнастички спортови „Партизан“ вели Љупчо Аранудов претседателот на клубот и прв човек на Федерацијата на гимнастички спортови на Македонија. Во објектот Соколана се наоѓа најопремената гимнастичка сала во државата, во која се одржуваат и државни натпревари. Сега Општината како што вели Арнаудов сака да ја одземе салата од закупецот и да ја издава на други спортисти. Поради ова за утре во 12 часот пред Општина Битола закажан е мирен протест како што велат за спас на гимнастиката.

    „Салата е специјалијално опремена со справи кои се прицврстени и не можат да се поместуваат, па просторот да се користи за други спортови. Има и специјални јами кои служат за правење салта и други вежби. На државните натпреварите секогаш КГС ‘Партизан’ е прв или втор. За тоа да се постигне гимнастичарите тренираат секој ден по 4 до 5 часа. Имаме репрезентативки кои Македонија ја претставуваат на балканско првенство. Тоа не се постигнува со тренинг од два часа. Имаме околу 7 гимнастичари прогласени за спортисти на годината во Битола. Во градот нема друга сала за одржување гимнастички натпревари. Ако ја нема салата, Битола останува без гимнастика“, рече Аранудов.

    Направени се големи финансиски вложувања во просторот од партер кој чини 86. 000 евра преку проект на ЕУ и справи од 40.000 евра купени од закупецот на просторот „Џокер Турист“. Поставено е ново парно, паркет, покрив, фасада, тоалети и друго.

    Аранудов вели дека Општината 25 години откако е тој претседател не дала ни денар за гимнастиката.

    Од Општина Битола, пак, соопштија дека поради неплатени долгови на закупецот “„Џокер Турист му е раскинат договорот за закуп на спортскиот објект од 992 метри квадратни и дворно место од 8.399 квадратни метри и помошни деловни простории. Додаваат дека закупецот го реиздавал просторот со што правел профит на сметка на спортот. Општината планира објектите да се издаваат според утврден ценовник и велат дека нема да дозволат гимнастиката да згасне.

    „Ваквата законска одлука не значи дека гимнастиката ќе згасне, или дека клубот на гимнастички спортови нема да работи. Напротив, објектите кои што се во функција на спортот, како што е гимнастичката сала, може да се издаваат според утврден ценовник на Општината. Клубот за гимнастички спортови како и сите останати спортски клубови, ќе може да ја користистат и понатаму, во насока на развој на гимнастиката. Меѓутоа реиздавањето на просторот под закуп и правењето на профит на сметка на спортот, Општината нема да го дозволи“, соопшти градоначалникот Тони Коњановски.

    Тој додава дека мора да се направи јасна дистинкција помеѓу законска обврска и спорт, односно мора да се стави крај на самоволието на поединци, кои застапувајќи ги личните интереси, се затскриваат зад спортските клубови.

    Поранешната Соколана освен гимнастичката сала има и дуќани и други објекти, а Аранудов вели дека приходите од закупците одат кај друштвото „Партизан“ во чие владение е просторот 80 години, а не кај „Џокер Турист“ кој дал големи средства за да ја опреми гимнастичката сала.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира