Во нехумани и мизерни услови работи Одделот за физикална медицина и рехабилитација во Општата болница Куманово. Распаднати подови, распукани ѕидови, оштетена инсталација, стари и распаднати купатила, тесни ходници, мали ординации и стар мебел, е сликата во монтажната барака во која е сместено одделението. Објектот е стар 50 години и овде времето застанало во 1960-те години.
„Дојдовме пред 17 години како привремено решение и уште сме тука. Објектот буквално се распаѓа. Не дихтуваат прозорците ни вратите. Иверките од бараката попуштиле, па меѓу нив има дупки. Глувци шетаат по просторијата и додека има пациенти. Имало случаи кога меѓу даските ќе угине глувче, па со месеци корне во ординациите. Простор е мал, а инвентарот е стар повеќе од 40 години. Собираме од подрум и носиме тука, затоа што немаме на што да седнеме. Немаме ништо саглам“, се жалат вработените.
Објектот не е реновиран и не може да се реновира затоа што му е изминат векот на траење. Одамна не одговара на капацитетот и на бројот од 200.000 жители од Североисточниот Регион. Покрај од околината на Куманово, лекарите велат дека имаат пациенти и од Крива Паланка, Кратово и Свети Николе.
На одделението за физикална терапија работат вкупно 23 лекари и медицински сестри, а дневно опслужуваат од 200 до 240 пациенти, кои доаѓаат во придружба на најмалку двајца, бидејќи се болни и неподвижни. Затоа, секој ден врие од луѓе во тесните ходници и амбулантите. Лекарите велат дека нивното одделение е најпродуктивно и најпрофитабилно, ја имаат потребната апаратура, но не можат да овозможат подобри услови за работа со пациентите.
„Ниту просторните услови одговараат во смисла на површина, бидејќи има само 280 квадрати, ниту пак распоредот на просториите за работа на физикална терапија. Нашата професија е специфична, не е потребна само ординација. Ни треба посебна сала за вежбање, соба за работна терапија, соодветни боксови за работа со пациентите, надгледни средства, справи, душеци. Ние имаме манипулација со прегледи, работа со апарати, пациентите мораат да легнат. Како што сега е организирана бараката, со овие простории воопшто не одговара. Единствено што е ново на одделението се новите апарати што се купени лани. Ние бевме приморани да дојдеме тука, бидејќи работевме на уште полошо места во подрумските простории на хирургија, каде двапати не поплавија фекалии“, вели д-р Славчо Филиповски, специјалист по физикална медицина и рехабилитација.
Министерот за здравство Венко Филипче е запознаен со проблемот и го посетил одделението, при тоа потврдил дека е неопходно што побрзо да се започне со градба на современ регионален центар за физикална медицина и рехабилитација, а во состав на комплексот да се изгради и базен за хидротерапија. Сепак, Филиче не прецизира кога ќе се случи тоа.
Директорката на Општа болница Куманово Снежана Захариева признава дека одделението работи во нехумани услови, но вели наскоро ќе се преселат во нови простории откако ќе се префрлат дел од амбулантите во новиот Ургентен центар. Болницата има дозвола на местото на стариот да изгради нов објект од 600 кватрати, ги платиле и комуналиите, но немаат пари сами да градат.
„Потребни се големи средства за изградба на овој објект. Ние покрај во Министерството за здравство бараме помош и од невладините организации. Имаме уредна документација за градба, но се ќе зависи од финасиските средства. Најверојатно, по пуштање во употреба на Ургентниот центар, физикалната терапија ќе ја лоцираме на местото на хируршките амбуланти во административната зграда, додека трајно не се реши проблемот. Објектот е крајно руиниран, пропушта вода, на подот има отвори преку кои влегуваат глодари. Не е хигиенски. Тоа се нехумани услови и за пациентите и за вработените. Со години е алармирано и факт е дека еднаш треба да се реши овој проблем“, вели Захариева.
С. НИКОЛИЌ