ГОДИНАВА ЌЕ СЕ ВОЗИ ПО „МОСТОТ ЗА ЛОВЕЊЕ РИБА“ НА ДАНЕЛА ШТО ЌЕ ГИ ПОВРЗУВА АЕРОДРОМ И ГАЗИ БАБА, РЕЧЕ ЃОРЃИЕВСКИ

    ГОДИНАВА ЌЕ СЕ ВОЗИ ПО „МОСТОТ ЗА ЛОВЕЊЕ РИБА“ НА ДАНЕЛА ШТО ЌЕ ГИ ПОВРЗУВА АЕРОДРОМ И ГАЗИ БАБА, РЕЧЕ ЃОРЃИЕВСКИЃорѓиевски вели дека во фаза е вештачење за објектот на булевар АСНОМ со што конечно ќе отпочнеме процес и во текот на оваа година ќе го ставиме во функција. (Фото: К. Попов)

    Годинава ќе се вози по новиот мост „Михајло Апостолски“ со кој се поврзуваат Општините Аеродром и Гази Баба, рече скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Овој мост беше изграден во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов. Кога во 2021 стапи на функција, градоначалничката Данела Арсовска, таа го нарече „мост за ловење на риба“ и рече дека тој не може да се стави во функција бидејќи имало нерасчистени имотно-правни односи во делот што треба да продолжува низ Керамидница.

    Четири години во мандатот на Арсовска работите беа застанати и немаше никакви активности за изградба на приклучоците и булеварот кон Керамидница.

    Градоначалникот Ѓорѓиевски сега вели дека до крајот на годинава мостот ќе биде во функција.

    „Ги откочивме сите закочени инфраструктурни проекти. Во фаза сме на супервештачење за објектот на булевар АСНОМ со што конечно ќе отпочнеме процес и во текот на оваа година ќе го ставиме во функцијата т. н. ‘мост за ловење на риба’“, рече Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција.

    Арсовска, првиот месец кога дојде на функција, рече дека оваа сообраќајница не може да се догради.

    „Нема да се заврши, ќе биде мост за ловење риба. Ќе биде нешто што нема никаков ефект и бенефит за граѓаните. Постапката за да се заврши тој мост ќе трае десетина години. Ние ќе почнеме да ги решаваме, но кога ќе ги решиме е прашање на време и не знаеме кога ќе се заврши. Што сега, секој нареден градоначалник ќе биде крив затоа што претходникот го почнал, а не ги решил прашањата ниту пак планирал да ги реши?“, рече Арсовска во ноември 2021, еден месец по стапување на функцијата.

    Четири месеци подоцна, во март 2022, таа даде сосема друга изјава, дека мостот ќе биде готов во април, а булеварот низ Керамидница до крајот на годината. Но, од ваквите најави на Арсовска немаше ништо, ниту беше пуштен мостот, ниту пак почна пробивањето на булеварот. Арсовска во март 2023 кажа дека на трасата не се работи, бидејќи проблем биле судските спорови кои меѓусебно ги имаат жителите каде треба да минува трасата.

    Со изградбата на овој мост и пробивањето на новиот коридор, од Лисиче до Судската палата со автомобил ќе се стигнува за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. Со тоа, граѓаните на овие три општини можат да заштедат и до 20 минути од времето поминато во сообраќај ако ја изберат оваа рута.

    Изградбата на овој мост во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира