ГОДИНАВА НЕМА ДА ПОЧНЕ НАБАВКАТА НА 250 АВТОБУСИ КОИ ГИ ВЕТИ АРСОВСКА, ВЕЛИ ДЕКА ГРАДОТ СКОПЈЕ ИМА МНОГУ ДОЛГОВИ

    ГОДИНАВА НЕМА ДА ПОЧНЕ НАБАВКАТА НА 250 АВТОБУСИ КОИ ГИ ВЕТИ АРСОВСКА, ВЕЛИ ДЕКА ГРАДОТ СКОПЈЕ ИМА МНОГУ ДОЛГОВИВо буџетот на Град Скопје за 2022 не се предвидени пари за набавка на автобуси. (Фото: Фејсбук)

    Годинава нема да почне ниту постапката за набавка на 250 еколошки автобуси, кои во изборната кампања ги вети градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Во буџетот за 2022 година не се предвидени пари за оваа намена, а Градот не може ниту да земе кредит бидејќи веќе е задожен.

    Постапката за набавка на нови автобуси трае најмалку година и половина, со оглед на тоа дека прво се распишува тендер за избор на најповолен понувач која трае неколку месеци, а потоа до една година е рокот за испораката на возилата. Како за пример, рокот за испорака на 33-те автобуси од германскиот производител МАН беше 10 месеци. Постапката почна во јануари 2019 кога беше потпишан договорот за заем од ЕБОР, потоа неколку месеци траеше меѓународниот тендер за избор на фирма, по што во мај 2020 стигнаа првите нови возила за јавниот превоз.

    Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска велат дела годинава не можат да се купат автобусите, оти Градот го наследиле со многу долгови.

    „Набавката на 250 еколошки автобуси е дел од четиригодишната програма на Град Скопје. Од буџетот во 2022 голем дел од финансиските средства наменети се за плаќање на милионските долговите наследени од претходното раководство на Градот, како и на повеќегодишни договори кои претходното раководство ги случило надвор од својот мандат. Овие долгови мора да се исплаќаат со средствата кои Град Скопје ги има на располагање од буџетот од оваа и следните години“, велат од кабинетот на Арсовска.

    Од таму не одговорија на нашето прашање од каде ќе се најдат пари за купување на ветените автобуси за кои треба околу 75 милиони евра, со оглед дека Градот кредитно не може да се задолжи.

    Градоначалничката Арсовска во декември на брифинг со новинарите кажа дека од донатори ќе се бараат средства за купување на автобусите.

    Арсовска во кампањата покрај нови 250 автобуси вети и бесплатен превоз за сите граѓани. Ниту тој годинава нема да се воведе, туку за две години оти и јавното претпријатие ЈСП Скопје, како што кажа градоначалничката, се наоѓа во лоша состојба и мора прво да се консолидира.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира