Во последните неколку месеци, на експресниот пат Штип-Кочани се случиле 9 сообраќајни несреќи во кои загинале пет лица, а 20-тина се тешко или полесно повредени. Иако од МВР велат дека сообраќајните контроли зачестиле, сепак се смета дека главна причина за ваквиот биланс е пребрзото возење.
„Во 2024 година на патот Штип-Кочани се случиле вкупно 9 сообраќајни несреќи, пет на територијата на Штип, а четири на Кочани. Во три од овие сообраќајќи загинале 5 луѓе, а севкупно тешко или полесно повредени биле дваесетина лица“, вели портпаролот на СВР Штип, Гордана Панајотова.
Пред два дена, во рок од два часа се случија две сообраќајќи при што две коли излетале од патот, а едната притоа повредила и работник кој ја косел тревата.
Максималната дозволена брзина на експресен пат е 110 километри на час, но таа не се почитува. Учесници во сообраќајот кои речиси секојдневно ја користат оваа патна делница, бидејќи секој ден патуваат од Кочани за Скопје, велат дека ја има потребната сигнализација, има знаци на сите критични места со ограничување на брзината, но факт е дека голем број учесници во сообраќајот не ги почитуваат и возат пребрзо.
Половина од овој пат минува низ Кочанската Котлина па патот е рамен, без угорнини, што можеби прави да се вози побрзо, но почитувањето на сообраќајните правила и прописи е основата за да не се случуваат сообраќајни несреќи. Самите возачи кои ја почитуваат сигнализацијата велат дека многу често им се случува автомобили со секвична брзина ги претекнуваат за дел од секундата, па затоа бараат сообраќајните контроли уште повеќе да се зголемат. Инсистираат и на поставување камери на повеќе места од патната делница кои ќе ја следат брзината.
Во СВР Штип, во чија надлежност е сообраќајната контрола во Источна Македонија, не можеа да кажат колку возачи се санкционирани за пребрзо возење, но велат дека се зачестени сообраќајните контроли.
„Уште на почетокот на оваа година, воведена е непрекината сообраќајна контрола на експресниот пат Штип-Кочани. Во сите смени на сообраќајните полиции од овие два града има редовни контроли на патот и на штипската и на кочанската делница. Сообраќајниот отсек за превентива при СВР Штип има организрано повеќе акциски контроли на патот, разговарано е со учесниците во сообраќајот и давани се информативни материјали за превентива и максимално почитување на сообраќајните правила и прописи, посебно на сигнализацијата за ограничена брзина“, вели Панајатова.
Експресниот пат Штип-Кочани, всушност, е продолжение на автопатот Штип-Миладиновци по кој е дозволена поголема максимална брзина, максимум до 130 километри на час. По експресниот пат Штип-Кочани почна да се вози од декември 2022, кога беше направена делницата од Крупиште до Кочани во должина од 14,5 километри. Пред тоа, во употреба беше и делницата од клучката Три Чешми кај Штип до обиколницата за Крупиште и Пробиштип, исто така во должина од 14 километри.
Според тогашните информации, од 2020 до 2022 кога се градеше патот биле потрошени речиси 40 милиони евра. Патот е со ширина од 11,5 метри со две коловозни ленти по 3,5 метри и со предвидениот простор од двете страни на патот за застанување.
Паралелно со автопатот Штип-Миладиновци и експресниот пат Штип-Кочани функционираат старите регионални патишта. За две години на двете стари делници се случиле само две помали сообраќајки.
Т. ЈОВАНОВСКИ