ГОЛЕМ Е ИНТЕРЕСОТ ЗА ПОСТКОВИД РЕХАБИЛИТАЦИЈА ВО ОТЕШЕВО, СЕ ЛЕКУВАЛЕ И БОЛНИ ОД ЦЕЛ СВЕТ

    ГОЛЕМ Е ИНТЕРЕСОТ ЗА ПОСТКОВИД РЕХАБИЛИТАЦИЈА ВО ОТЕШЕВО, СЕ ЛЕКУВАЛЕ И БОЛНИ ОД ЦЕЛ СВЕТБолницата во Отешево е воздушна бања со 40-годишна традиција во респираторната рехабилитација со физикална терапија. (Фото: СДК.МК)

    Фудбалери од хрватски „Хајдук“, ракометари од „Јафа промет“, пациенти од Абу Даби, видни професори и функционери од поранешна Југославија, рудари од Саса, Усје, Бучим ги користеле услугите на Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на белодробни заболувања во Отешево, која во престојниот период ќе биде центар за постковид рехабилитација во земјава. Сместена во густа борова шума меѓу Преспанското Езеро и Галичица, болницата во Отешево е воздушна бања која им го продолжува животот на лицата со белодробни потешкотии.

    Нејзиното прераснување во центар за постковид опоравување се очекува да потсети уште еднаш на важноста на овој центар кој има 40-годишна традиција во респираторната рехабилитација со физикална терапија.

    Болничкиот тим е составен од пулмолог, интернист и физиотерапевти. (Фото: СДК.МК)

    „Тука е прекрасно, климата и воздухот не` оживуваат. Преку 20 години доаѓам тука. До пред 15 години имавме приколка, децата пораснаа тука, плажите беа многу убави. Сега, бидејќи сме во поодминати години, им ја дадовме приколката на младите за Струга. Во последните пет години имам астма и доаѓам во болницата. Тука се преродуваме, воздухот лекува повеќе од било кој лек“, вели Трајанка Смилкова од Скопје.

    Болницата неслучајно пред 41 година ја основал доктор Арсе Гошаревски, татко на сегашниот градоначалник на Ресен Живко Гошаревски, на западниот брег на Преспанското Езеро на надморска височина од 855 метри, со благопријатна медитеранска клима и без загадувачки честички во водухот. Оваа еко локација им паднала в очи и на странците уште во времето на социјализмот, па германска делегација планирала соработка со болницата во 1990-те години и тука да носи пациенти. Но, со распадот на Југославија, не се оствариле плановите.

    Дури и професор д-р Чедомил Плавшиќ од Центарот за брановатерапија во Опатија, Хрватска бил воодушевен од Специјализираната болница и рекол: „Кога би имал само дел од ова поднебје би направил светски центар“, пишува во монографијата за болницата во Отешево од д-р Гошаревски.

    Се прават вежби за дишење, за движење со помош на ерговелосипеди, гасни анализи. (Фото: СДК.МК)

    Од Болницата велат дека првите пациенти веќе пристигнале во Отешево и дека успехот на тимот ќе се мери преку нивното опоравување.

    „Се надеваме дека ќе бидеме успешни и на голем дел од пациентите ќе успееме да им помогнеме да се опорават и вратат на нормалниот животен тек. Заинтересираноста е голема. Принципите и третманите на оваа рехабилитација се слични на оние кои се користат кај сите белодробни заболувања, а основа во работата на нашата институација е токму респираторната рехабилитација со физикална терапија за што сме докажани. Нашиот тим е составен од пулмолог, интернист и физиотерапевти. Се прават вежби за дишење, за движење со помош на ерговелосипеди, гасни анализи. Со ова се подобрува респираторната функција и се намалуваат компликациите“, вели Билјана Гошаревска, портпаролка на болницата во Отешево.

    Во соработка со Министерството за здравство, Болницата ќе работи со посебни програми и протокол со овие болни. Најавено е и реновирање на Болницата која има над 70 легла и на годишно ниво таму се лекуваат околу 1.000 болнички пациенти, 1.300 амбулантски и стотина во Дневната болница. Со реновирањето се очекува институцијата да прерасене во светски здравствен центар.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира