ГОЛЕМ ИНТЕРЕС КАЈ ВЕЛЕШАНИ ЗА БЕСПЛАТНАТА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ СЕЗОНСКИОТ ГРИП, ОД ПОНЕДЕЛНИК ЗАПОЧНУВА И КОМЕРЦИЈАЛНАТА

    ГОЛЕМ ИНТЕРЕС КАЈ ВЕЛЕШАНИ ЗА БЕСПЛАТНАТА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ СЕЗОНСКИОТ ГРИП, ОД ПОНЕДЕЛНИК ЗАПОЧНУВА И КОМЕРЦИЈАЛНАТАГраѓаните кои се вакцинираат, беа повикани преку СМС порака, откако претходно се пријавиле на „Мој термин“. (Фото: СДК.МК)

    Со голем интерес започна вакцинација против сезонски грип во Велес, која се одвива во Центарот за јавно здравје. Пациенти доаѓаа во „мој термин“ но сепак беше забележливо дека голем е бројот на велешани, пред сè од повозрасната старосна група, кои се решија да се вакцинираат. Првите два дена имаше термини за 180 лица и беа искористени безмалку сите.

    „Започна вакцинацијата со бесплатна вакцина сезонски грип. Таа се однесува за хроничните болни, лицата на 65-годишна возраст, трудници и деца до шестгодишна возраст. Вакцината која се аплицира е од холандско производство, четиривалентна и штити од инфлуенца тип „А„ и од т.н. „свински грип“, кажа д-р Весна Николовска Неделкова, директор на Центарот за јавно здравје Велес.

    Вакциналниот пункт за сезонскиот груп, се наоѓа во зградата на Хигиенски со работното време од 8 до 15 часот. Граѓаните кои се вакцинираат, беа повикани преку СМС порака, откако претходно се пријавиле на „Мој термин“. Лицата кои се вакцинираа во просториите на Хигиенски, без исклучок кажаа дека претходно веќе се вакцинирале и од ковид-19, некои и со трета доза.

    Освен Велес, вакцина против сезонски грип утрово беше дистрибуирана и во градовите кои ги покрива Центарот за јавно здравје од Велес, во Кавадарци, Неготино, Гевгелија и Свети Николе. Количините кои се аплицираат се добивале дневно, во зависност од бројот на пријавени граѓани во „мој термин“. Од понеделник започнува и комерцијалната вакцинација во Велес и градовите од Повардарјето, ќе се изведува со вакцини од француско производство, исто така четиривалентни, која ќе чини 800 денари.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира