ГОТОВ ПРОЕКТ ЗА САНАЦИЈА НА ОПАСНОТО ЈАЛОВИШТЕ НА РУДНИКОТ ВО ПРОБИШТИП СЕДУМ ГОДИНИ Е ВО ФИОКА

    ГОТОВ ПРОЕКТ ЗА САНАЦИЈА НА ОПАСНОТО ЈАЛОВИШТЕ НА РУДНИКОТ ВО ПРОБИШТИП СЕДУМ ГОДИНИ Е ВО ФИОКАЈаловиштето се простира на 50 хектари во Пробиштип и неговата околина кон селото Стрмош и со години ги загадува градот и поширокиот простор, па жителите бараат без разлика кој е на власт трајно да се реши проблемот. (Фото: СДК.МК)

    Пробиштипското јаловиште на рудникот „Злетово“, кој постои од 1937 година, денес се простира на 50 хектари површина, каде што со над осумдецениската флотација на рудата досега се складирани повеќе од 10 милиони тони кубни метри олово-цинковен отпад. Еколошките и здравствените установи досега правеле повеќе анализи и е утврдено дека токму тој отпад, кој, покрај олово и цинк, содржи и кадмиум и други штетни материи од останатите тешки метали, е опасен по здравјето на луѓето.

    На 28 Август, Денот на рударите, градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов, кој е од редовите на СДСМ, најави дека се планира јаловиштето да се покрие со фотоволтаици, па со решавањето на основниот проблем ќе се добие голема корист со обновливи извори на енергија. Не беше прецизирано како тоа ќе се изведе и кој ќе биде инвеститор, но истовремено од Советот на Општината беа најавени измени на Деталниот урбанистички план кои се однесуваат на просторот на јаловиштето.

    Таквата состојба со континуираното загадување од јаловиштето од година во година го крева алармот кај жителите на Пробиштип, кои бараат, без разлика кој е на власт, проблемот да биде решен и еднаш засекогаш да се стави крај на загадувањето од јаловиштето . Изминативе години најмногу време за изноаѓање решение за пробиштипското јаловиште има посветено професорката на Факултетот за природни и технички науки Соња Лепиткова, која беше и државна секретарка за животна средина при Министерството за екологија и пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а потекнува од Пробиштип.

    „Втората деценија по 2000 година почнавме да изработуваме проект за санација на јаловиштето. Се вршеа испитувања и анализи во секој поглед, но по изборите во 2016 проектот беше ставен во фиока, иако за него беа предвидени средства од државниот буџет во износ од 4,2 милиони евра“, вели Лепиткова.

    Проектот предвидувал три фази, од кои првата била најитна – санација на косините кои се јавиле на јаловиштето, кое од 1976 претрпело неколку еколошки катастрофи, кога се излеало по течението на реките, меѓу кои и Злетовица и Брегалница.

    „Мошне важен момент беше и фактот дека целиот проект беше ревидиран и потврден од Градежниот факултет во Скопје. Првата фаза ќе чинеше речиси 2 милиона евра, а за втората, поставување цевки за отпадот кој почна да се наталожува кон селото Стрмош, околу 1,4 милиони евра. Беше планирано јаловиштето да се покрие со гранулатниот ситен отпад што го создаваат преработувачките капацитети за неметали кај ова пробиштипско село, а биле планирани и измени на Законот за техногени суровини и на Законот за животна средина“, додава Лепиткова, која е рударски експерт и експерт по екологија.

    Според Лепиткова, проектот веќе седум години е мртво слово на хартија. Го имаат во Општина Пробиштип и во Центарот на Источниот плански регион (ИПР), со кој биле започнати активности за негова имплементација. Во истиот период имаше информации дека за јаловиштето биле заинтересирани една британска и една кинеска компанија кои откупуваат ваков отпад од целиот свет затоа што им биле важни остатоците на злато и сребро, а посебно на цинк.

    Лепиткова потврдува дека со странците имало такви првични разговори и на самото јаловиште, но тие повеќе не се вратиле, затоа што, како што таа смета, за нив не била атрактивна содржината на јаловината од причини што рудникот „Злетово“ има мошне добра примарна флотација, така што во отпадот речиси и да нема злато, а со сосема мал, дури и незабележителен процент се присутни среброто и цинкот.

    Екологисти и граѓани од Пробиштип коментираат дека за да се потрупа јаловиштето, ќе треба да се срушат цели ридови. Тие, па и Лепиткова, не сакаа да зборуваат за најавената иницијатива на Општината за покривање на јаловиштето со фотоволтаици, но го поставија прашањето како тоа ќе се изведе и како таа фотоволтаична тежина ќе се одржи на една таква пропустлива подлога, која во секој случај мора прво да се санира.

    Дали се изменети урбанистичките планови за јаловиштето и до каде е реализацијата на најаваниот проект за фотоволтаици, не успеавме да дознаеме, затоа што градоначалникот Анастасов, и покрај нашите пораки и неколку обиди за директна комуникација, не беше достапен.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира