Град Скопје формираше јавна установа за урбанизам „Кензо Танге“. Со тоа Градот, иако има Сектор за урбанизам, доби уште една институција во која ќе има нови вработувања, директор, членови на надзорен и управен одбор.
Во образложението на одлуката која денеска беше усвоена на Советот на Град Скопје стои дека целта на формирање на установата е подигање на стандардите и квалитетот на вршењето на работи од урбанистичкото планирање. За директор е назначен Антони Коршул, а дополнително треба да се изберат членови на управниот и надзорниот одбор. Колку вработени ќе има во одлуката не е наведено.
Одлуката за новата институција на Град Скопје пред советниците наместо градоначалничката Данела Арсовка ја објаснуваше секретарот на Градот Ѓоко Велковски. Тој кажа дека со новата институција за урбанизам Скопје ќе се развива како што треба, ќе се гарантира правилно планирање на просторот и преку неа ќе се проектира сето она што му е потребно на Градот за реализација на инфраструктурни проекти.
Во одлуката за основање стои дека јавната установа за урбанизам ќе учествува во изработка и донесување на генерален урбанистички план на Град Скопје, спроведување и следење на спроведувањето, изработува урбанистички планови и урбанистички проекти, изработка стручна ревизија на урбанистички планови и урбанистички проекти, изработува проектно-техничка документација за инфраструктурни и супраструктурни објекти како и надзор над имплементација на истите, изработува студии, експертски елаборати и програми поврзани со планирањето и уредувањето и просторниот развој на градот. Покрај ова, јавната установа ќе остварува соработка со надлежните институции за планирање на просторот при изработувањето на просторни планови од нејзина надлежност
„Јавната установа ќе се организира на начин кој ќе овозможи Градот Скопје да обезбеди услови и стратешки поголемо влијание за рамномерен просторен развој на Градот, рационално уредување и користење на просторот и услови за хумано живеење и работа на граѓаните, одржлив развој, заштита и унапредување на животната средина и природата, заштита на културните и историски вредности, јавност во постапката за донесување и спроведување на плановите, усогласеност со нормативите и стандардите за просторно и урбанистичко планирање, при што и работењето на Јавната установа ќе се заснова на принципите на стручност, професионалност, транспарентност и одговорност во работењето и постигнатите резултати“, стои во образложението за формирањето на јавната установа за урбанизам „Кензо Танге“.
А. АНТЕВСКА