ГРАД СКОПЈЕ ГИ ОСЛОБОДУВА МЛАДИТЕ БРАЧНИ ПАРОВИ ОД ПЛАЌАЊЕ КОМУНАЛИИ ЗА ИЗГРАДБА НА КУЌА

    ГРАД СКОПЈЕ ГИ ОСЛОБОДУВА МЛАДИТЕ БРАЧНИ ПАРОВИ ОД ПЛАЌАЊЕ КОМУНАЛИИ ЗА ИЗГРАДБА НА КУЌАЦелта на одлуката е да им се помогне на младите брачни парови во создавањето дом. (Фото: СДК.МК)

    Млади брачни парови и самохрани родители се ослободуваат од плаќање комуналии на Град Скопје за изградба на куќа. Оваа одлука е точка на дневен ред на денешната седница на Советот на Град Скопје, а, како што кажа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, целта е да им се помогне на младите брачни парови во создавањето дом.

    Одлуката се однесува на делот од вкупниот надоместок за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Град Скопје, односно 60 отсто од вкупниот надоместок. Останатите 40% ги наплатува Општината на чија територија е објектот.

    Според одлуката, инвеститори мора да бидат двајцата брачни другари, треба да имаат склучено брак или барателот да има статус на самохран родител. Најмалку еден од брачните другари, односно самохраниот родител, да не е постар од 40 години во моментот на поднесување на барањето. Брачните другари, односно самохраниот родител, да немаат во сопственост друга станбена недвижност за домување, да градат прва семејна куќа за сопствени потреби. Проектираниот објект да има намена А1 – Домување во куќи и да содржи само една станбена единица до 120 квадрати.

    За ослободување од комуналии, барателите до Град Скопје треба да достават барање за ослободување од плаќање на делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Град Скопје, извод од матичната книга на венчаните и копии од личните карти на двајцата сопружници, односно на самохраниот родител (со увид во оригиналите).

    Треба да се приложат и уверенија од Агенцијата за катастар на недвижности за имотна состојба на двајцата сопружници, односно самохраниот родител, односно доказ дека немаат во сопственост друга станбена недвижност за домување на територијата на Македонија, како и доказ за поднесено барање за издавање одобрение за градење преку системот е-Одобрение за градење.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира