ГРАД СКОПЈЕ ГО ЧИСТИ И УРЕДУВА КЕЈОТ НА ВАРДАР, ВЕЛАТ 30 ГОДИНИ НИКОЈ НЕ ГО ОДРЖУВАЛ И СЕГА ЌЕ ДОБИЕ НОВ ЛИК

    ГРАД СКОПЈЕ ГО ЧИСТИ И УРЕДУВА КЕЈОТ НА ВАРДАР, ВЕЛАТ 30 ГОДИНИ НИКОЈ НЕ ГО ОДРЖУВАЛ И СЕГА ЌЕ ДОБИЕ НОВ ЛИКСе чисти каменот и коритото на реката, пешачката патека на кејот, се корнат гранки, треви и грмушки со кои е обраснат овој дел од градот, се кастрат дрвјата, се уредува зеленилото, се чисти ѓубрето. (Фото: СДК.МК)

    Град Скопје десетина дена работи на чистење и уредување двете страни на кејот на реката Вардар, со цел овој дел од градот да добие еден нов лик. Со градежна механизација и екипи од сите јавни претпријатија покрај кејот се чисти и коритото на Вардар на потегот од мостот кај луна паркот до зградата на Македонската телевизија. Најпрво се работи на левата страна на реката, а потоа механизација и екипите ќе се префрлат и од десната која е многу повеќе користена од граѓаните.

    Се чисти каменот и коритото на реката, пешачката патека на кејот, се корнат гранки, треви и грмушки со кои е обраснат овој дел од градот, се кастрат дрвјата, се уредува зеленилото, се чисти ѓубрето.

    Од Град Скопје велат дека после 30 години се чисти кејот на Вардар и дека во овој проект е предвидено просторот да се уреди, да се постават нови клупи, корпи за отпадоци, ново осветлување, а левата страна да биде користена исто колку и десната.

    „Целта е кејот да добие еден нов лик. Коритото на Вардар сега откако едната страна е исчистена изгледа сосема поинаку и многу пошироко. За неколку месеци граѓаните ќе забележат разлика на целиот потег“, велат од Град Скопје. (Фото: СДК.МК)

    „Никој не го пипнал кејот толку години. Коцката која е долж кејот не се гледаше од ѓубре и земја, скалите ги немаше бидејќи беа обраснати со треви. Формиравме посебна бригада за кејот која е задолжена комплетно да го среди просторот. Откако ќе завршиме со чистење, хортикултурно ќе го уреди и ќе поставиме нови содржини особено од левата страна на кејот за да и овој дел биде привлечен за граѓаните“, велат од Град Скопје.

    Од Градот објаснуваат дека досега одржувањето на кејот на било предвидено во ниту една програма и немало посебна буџетска ставка за него, како што е на на пример одржување на плоштади, главни улици или паркови.

    Откако ќе заврши уредување на кејот во централното градско подрачје ќе се продолжи кон населбите Влае и Ново Лисиче.

    „Целта е кејот да добие еден нов лик.  Редовно да се одржува, да се чисти и мие како останатите делови од градот. Коритото на Вардар сега откако едната страна е исчистена изгледа сосема поинаку и многу пошироко. За неколку месеци граѓаните ќе забележат разлика на целиот потег“, додаваат од Градот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира