ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ВОВЕДЕ СОС ТЕЛЕФОН ЗА ДА СЕ ПРИЈАВИ КАСНУВАЊЕ ОД КУЧЕ

    ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ВОВЕДЕ СОС ТЕЛЕФОН ЗА ДА СЕ ПРИЈАВИ КАСНУВАЊЕ ОД КУЧЕВо стационарот ќе има возила за брза интервенција при итни случаи од каснување на куче кои ќе бидат на располагање 24 часа. (Фото: СДК.МК)

    Воведување СОС линија на која ќе може да се пријави каснување од куче, се предвидува со новата програмата за работење и хуман третман на кучиња скитници на ЈП „Лајка“. По пријавата, инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство треба веднаш да излезе на терен и ако кучето кое нападнало е на местото на настанот тоа веднаш ќе биде заловено. Во стационарот ќе има возила за брза интервенција при итни случаи од каснување на куче кои ќе бидат на располагање 24 часа.

    Една година откако Град Скопје го формираше претпријатието „Лајка“, стационарот на Вардариште уште не работи, но според градоначалникот Петре Шилегов, градежните работи се при крај и наскоро ќе биде отворен па затоа е изготвена новата програма за работа.

    Како што велат од Град Скопје, стационарот сега ќе биде со зголемен внатрешен капацитет, место 80 дотраени метални боксови се направија нови ѕидани 100 апартмани за кучиња со подно греење и со вентилација, по стандардите пропишани во правилникот за прифатилишта од Агенцијата за храна и ветерина.

    „Дополнително, максимално ќе се искористи и надворешниот дел од објектот и се поставуваат нови 60 боксови за поголеми раси на кучиња кои ќе имаат пристап до новиот парк. Најзначајна новина е регистрацијата, односно отворањето ветеринарна служба на Градот чии услуги ќе бидат по минимална пропишана цена од ценовникот на Ветеринарната комора. Истата ќе биде опремена по најсовремени стандарди и ќе има две хируршки сали, дел за интензивна нега, приемен преглед, чекална, стерилна просторија и просторија за лекови. Во минатото, редовно речиси без исклучок една иста амбуланта го добиваше тендерот за третман на уличните животни на територијата на Град Скопје и услугите од истата беа двојно преплаќани од буџетот на Град Скопје“, велат од Град Скопје.

    Освен со ушна маркица кучињата ќе бидат обележани и со микрочип и за секоја единка ќе се води уредна електронска евиденција за здравствената состојба.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира