По двата неуспешни тендера за воведување систем за дигитален град или смарт сити, Град Скопје објави нов, трет оглас. Според проценетата вредност во тендерската документација, имплементацијата на проектот дигитален град ќе чини 5,5 милиони евра. Во тендерот се бара платформата за дигитален град да опфати систем за паметно осветлување, систем за паметно паркирање, систем за мониторинг на квалитетот на воздухот, систем за јавно мислење и задоволство на граѓаните и дигитална комуникација меѓу Градот и граѓаните, систем за паметно мерење на потрошувачка на вода и изработка на градски портал.
„По трет пат ја распишавме постапката за смарт сити бидејќи првиот пат не добивме соодветни понуди, а вториот пат од неразбирливи причини за мене, постапката беше поништена од Бирото за јавни набавки. Со овој проект ќе се воведе дигитализација на градот и можност за дигитална комуникација меѓу Градот и граѓаните“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Шилегов го најави проектот паметен град уште со неговото стапување на градоначалничката функција пред три години, но реализација сѐ уште нема.
„За вакви големи и скапи проекти подобро е да изгубите време во самата постапка отколку да добиете производ кој е неупотреблив. Тоа значи дека ќе ги потрошите пари на граѓаните, а нема да го добиете потребниот квалитет“, додава Шилегов.
Според тендерската документација, ќе се набават и постават нови 9.434 ЛЕД светилки и ќе се воведе систем за паметно осветлување, со што за околу 70 отсто ќе се намалат трошоците на градот за уличното осветлување. Системот за паметно паркирање ќе се состои од веб апликација за мониторирање и администрирање и мобилна апликација за граѓаните и за возачите. Со него се очекува побрзо и поедноставно лоцирање на слободни паркинг места од граѓаните, намалување на сообраќајниот метеж и помало загадување. Со системот за мониторинг на квалитетот на воздухот ќе се направи мобилна апликација за граѓаните, сензори за мерење на квалитет на воздухот и ќе се постават 10 сензори за мерење на загадувањето.
А. АНТЕВСКА