ГРАД СКОПЈЕ ВО ЗЕЛЕН ПЛОШТАД ГО УРЕДУВА ПРОСТОРОТ ПРЕД АМБУЛАНТАТА „МЛИН БАЛКАН“

    ГРАД СКОПЈЕ ВО ЗЕЛЕН ПЛОШТАД ГО УРЕДУВА ПРОСТОРОТ ПРЕД АМБУЛАНТАТА „МЛИН БАЛКАН“Делот на паркот кој е лоциран пред амбулантата ќе се уреди да се искористи како место за одмор, комуникација и контакти, а задниот парк ќе биде детско игралиште со опрема која може да ја користат сите деца над три години. (Фото: Град Скопје)

    Град Скопје денеска почна со уредување во зелен мини плоштад на запуштениот простор и парк пред амбулантата „Млин Балкан“ во центарот на градот. Целосната површина на предниот и задниот парк ќе се преработи со тоа што само високото зеленило ќе се остави и вклопи во новата концепција на уредување на просторот. Делот на паркот кој е лоциран пред амбулантата ќе се уреди максимално да се искористи како место за одмор, комуникација и контакти, а задниот парк ќе биде детско игралиште со опрема која може да ја користат сите деца над три години.

    „Денеска започнуваме со уредување на овој простор, втор по ред од  вкупно 4 локации во општините кои се резултат од анализите коишто ги направивме преку Скопје Лаб. Овде пред Млин Балкан, во следните дваесетина дена  на површина од околу 600 квадратни метри целосно ќе биде  преуреден овој простор и потоа предаден на Општина Центар. Очекувам дека по уредувањето овој простор ќе ги задоволува сите потреби на граѓаните од соседството, бидејќи беа анкетирани луѓето коишто живеат на оваа микролокација, беа анализирани нивните барања и во согласност со нив беа изработени проектите“, кажа скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

    Уредувањето на ова ново катче е дел од проектот за редизајнирање на јавните зелени површини на 4 локации во Скопје, според кој, зелени плоштади ќе се формираат и на булеварот Јане Сандански – кај „Палма“, на раскрсницата на булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров и на булеварот Илинден до гимназијата „Орце Николов“, каде што веќе течат активностите на терен.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира