ГРАДИНАРИТЕ ОД СТРУМИЧКО ПРОТЕСТИРАА ОТИ ТРГОВЦИТЕ ГО ОТКУПУВААТ РОДОТ ПО ПОМАЛА ЦЕНА ОД ДОГОВОРЕНАТА СО ЗЕМЈОДЕЛСКИОТ ИНСПЕКТОРАТ

    ГРАДИНАРИТЕ ОД СТРУМИЧКО ПРОТЕСТИРАА ОТИ ТРГОВЦИТЕ ГО ОТКУПУВААТ РОДОТ ПО ПОМАЛА ЦЕНА ОД ДОГОВОРЕНАТА СО ЗЕМЈОДЕЛСКИОТ ИНСПЕКТОРАТГрадинариве се гневни дека договорената цена низ сите откупни пунктови денеска е намалена за речиси 20 отсто. (Фото: СДК.МК)

    Со трактори и приклучна механизација, струмичките раноградинари протестираа по струмичките улици барајќи прифатлива откупна цена на зелката која од ден на ден се намалува. Посебно се гневни што трговците на ја почитуваат утврдената цена од 20 денари, договорена завчера на средбата со Државниот земјоделски инспекторат, па низ сите откупни пунктови денеска е намалена за речиси 20 отсто.

    „Бараме до недела итна средба со министерот за земјоделство, инспекторатот, откупувачите, да се седне на маса и да се договори прифатлива цена односно да се виде зошто не се почитува договорената цена од 20 денари за килограм зелка. Ниту се почитува законот за неделни откупни цени, ниту пак се знае по која цена ќе се предаде производството. Рашомонијада. Ако нема средба, нашите протести ке ги радикализираме“, кажа Васе Панов, земјоделец од Куклиш.

    Земјоделците од Струмичко речиси еден час го блокираа центарот на Струмица. Сметаат дека во државата со години не се води квалитетна аграрната политика, поради што нивите стануваат сè повеќе запуштени.

    „Не сме заштитени. Имаме поскапени репроматријали на ѓубрива, препарати, полиетиленски платна, нафта, но цената по која ни се откупува е катастрофалана. Ќе немаме пари да си ги покриеме трошоците, а камо ли да платиме струја и давачки. Вака не може. Мора да се стави ред со аграрот, да има контроли да се почитува земјоделецот. Секојдневно се манипулира со нашиот труд“, кажаа останатите земјоделци на протестот.

    Пред три дена во Струмица, директорот на Државниот земјоделски инспекторат Зоран Шапуриќ имаше средба со откупувачите и земјоделците. Тој тогаш најави дека ќе бидат засилени контролите по откупните пунктови, но ги повика и земјоделците да поднесуваат преставки ако има прекршувања во откупните цени на зелката.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира