ГРАДИНКИТЕ ВО СТРУГА ОСТАНАА ЗАТВОРЕНИ ОТИ НЕМА ДОВОЛНО ВОСПИТУВАЧКИ И НЕГУВАТЕЛКИ, РОДИТЕЛИТЕ БАРААТ ИТНО РЕШЕНИЕ

    ГРАДИНКИТЕ ВО СТРУГА ОСТАНАА ЗАТВОРЕНИ ОТИ НЕМА ДОВОЛНО ВОСПИТУВАЧКИ И НЕГУВАТЕЛКИ, РОДИТЕЛИТЕ БАРААТ ИТНО РЕШЕНИЕОд јуни не им се продолжени договорите на околу 20 времено вработени, а родителите денеска протестираа заедно со децата пред Општина Струга. (Фото: СДК.МК)

    Родителите и децата кои требаше да бидат згрижени во струшките градинки со почетокот на школската година денеска излегоа на протест пред Општина Струга, оти вратите на градинките останаа затворени зашто нема персонал. Децата, наместо згрижени во градинка, беа вратени дома. Во градинката „Осми март“ повеќе од еден месец нема ниту директор.

    Поради недостиг на воспитувачки и негувателки не работат групите со јасли во објектите „Сонце“ и „Пеперутка“. Дел од поголемите деца се згрижуваат, но само до 12 часот.

    Од јуни не им се продолжени договорите на околу 20 времено вработени. Родителите револтирани, велат дека се спречени да одат на работа оти нема кој да се грижи за нивните деца. На денешниот протест побараа одговорност од надлежните и итно решавање на проблемот.

    „Нема доволно негувателки и воспитувачки, договорите не им се продолжени. Тешко е, сама сум, роднини немам, старите ми се починати. Сама се справувам, некако се снаоѓам, големите одат во градинка, но сега имаме проблем со негувателките. Се надевам што побрзо да се реши овој проблем“, вели Дрита Бајрами-Костојчиноска, родителка на три деца.

    Некои родители се принудени своите деца да ги носат со себе на работа.

    „Децата нема кој да ни ги чува дома, на работа сме и јас и сопругот, имаме голем проблем. Едното е три години, другото пет, во градинка нема кој да ги чува, а до 11.30 или најдоцна 12 часот треба да ги земеме. Одам и ги земам на работа, со три деца седам на работа тоа е тешко“, вели Беса Шеи, родителка на три деца.

    Во јануари годинава протестираа негувателките и воспитувачките од градинките во Струга, кои со години работат со договори на дело, некои и повеќе од една деценија, за месечен надомест од десеттина илјади денари. Бараа редовно вработување или минимална плата со здравствено и пензиско осигурување, но и по девет месеци проблемот не им е решен. Тие немаат никакви договори, останаа дома, без работа.

    „Тие направија поголема работа од сите функционери во оваа држава, тие тоа го правеа од љубов, тие се нашите херои. Заслужуваат да се реши нивниот статус, а со тоа ќе се реши и нашиот проблем“, вели родител Јованчо Мацески.

    Градоначалникот на Струга Рамис Мерко ги прими родителите на разговор, а вината ја префрли во Министерството за труд и социјална политика. Најави дека ќе биде отворен нов конкурс за директор на градинката.

    „На директорката ѝ помина мандатот, побаравме друго лице да прифати за директор, но не прифаќа никој, а со тоа се создаде овој хаос. Денеска наредив нов конкурс, ако не прифаќаат од внатре за директор ќе прифати може човек од надвор да биде директор на градинките“, рече Мерко.

    Во струшките градинки дневно се згрижуваат над 500 деца, а Општина Струга со одлука на Советот од септември ја зголеми цената за престој во градинка од 1.500 на 2.000 денари.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира