ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ НЕГАТИВЕН НА КОВИД-19, НО ОСТАНУВА ВО ИЗОЛАЦИЈА ОТКАКО СЕКРЕТАРОТ НА ОПШТИНАТА Е ПОЗИТИВНА НА ВИРУСОТ

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ НЕГАТИВЕН НА КОВИД-19, НО ОСТАНУВА ВО ИЗОЛАЦИЈА ОТКАКО СЕКРЕТАРОТ НА ОПШТИНАТА Е ПОЗИТИВНА НА ВИРУСОТГрадоначалникот Богдановиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека Ралевска викендов дознала дека нејзиниот сопруг е заразен во вирусот и веднаш направила тест кој покажал дека и таа е позитивна.(Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ е негативен на КОВИД-19 но ќе биде во изолација откако секретарот на Општината Маја Ралевска е позитивна на вирусот. Покрај Богдановиќ во изолација се уште 6 вработени кои имале контакт со Ралевска, но засега сите се без симптоми.

    Градоначалникот Богдановиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека направил тест и тој е негативен, но ќе остане во изолација наредните две недели и работни обврски ќе ги извршува од дома. Тој вели дека Ралевска викендов дознала дека нејзиниот сопруг е заразен во вирусот и веднаш направила тест кој покажал дека и таа е позитивна.

    „Општината, јас како нејзин градоначалник и вработените од самиот почеток на КОВИД 19 пандемијата децидно и без исклучоци ги почитувавме мерките препорачани од надлежните институции, како што се одржувањето задолжителна дистанца, носењето на заштитни маски и одржувањето на личната хигиена.
    На секретарот му посакувам брзо и лесно заздравување“, вели Богдановиќ.

    Од скопските градоначалници позитивни на КОВИД-19 се градоначалникот на Скопје Петре Шилегов кој во моментов е на домашно лекување, градоначалникот на Гази Баба Борче Георгиевски кој се лекува на Инфективната клиника и градоначалникот на Чаир Висар Ганиу кој веќе е излекуван.

    Поради болеста на дел од градоначалниците откажан е состанокот со Комисијата за заразни болести на кој требаше да се договорат начини како Општините да помогнат во справување со новиот бран на новозаразени, бидејќи коронавирусот веќе е раширен насекаде. Во комисијата сметаат дека здравствените работници не смеат да се остават сами и дека ако и градоначалниците не успеат да делуваат на свеста на граѓаните да ги почитуваат мерките за носење маски и одржување дистанца, ќе мора да се вратат построгите рестриктивни мерки, па и полицискиот час.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира