ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕОРГИЕСКИ ВО ПАРИЗ РЕФЕРИРА ПРЕД УНЕСКО, ЕКОЛОЗИТЕ ВЕЛАТ ОХРИД НЕ ПОСТИГНА НИШТО ОД ПРЕПОРАКИТЕ

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕОРГИЕСКИ ВО ПАРИЗ РЕФЕРИРА ПРЕД УНЕСКО, ЕКОЛОЗИТЕ ВЕЛАТ ОХРИД НЕ ПОСТИГНА НИШТО ОД ПРЕПОРАКИТЕГрадоначалникот на Охрид Константин Георгиески пред седиштето на УНЕСКО во Париз (Фото: Општина Охрид)

    Државната делегација, во која е и градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, денеска во седиштето на УНЕСКО во Париз го презентираше првиот извештај за напредокот по однос на препораките на Комитетот на светско и природно наследство.

    „На средбата со Мечтил Рослер, директорот на Центарот за светско културно наследство при УНЕСКО и Изабел Анатол-Габриел, шефицата на Одделот за Европа и Северна Америка, градоначалникот Георгиески информираше за чекорите кои се преземени во однос на имплементацијата на препораките и обврските изнесени на сесијата на Комитетот што се одржа во Баку. Беше презентирано што презеле државните институции, микроменаџментот на локално ниво и Општина Охрид”, велат од локалната власт.

    Оттаму додаваат дека УНЕСКО изразил поддршка и задоволство за посветеноста и прогресот што е направен за реализирање на препораките, со надеж дека процесот ќе продолжи со истиот интензитет. Претставници на УНЕСКО ќе дојдат во ноември за да ја скенираат состојбата од самото место.

    „Во изминатите три месеци Општина Охрид покажа значителен напредок во делот на исполнување на препораките. Покрај Акцискиот план за постапување, кој беше донесен на почетокот на август, Советот на Општина Охрид ја усвои и Одлуката за времен прекин на донесувањето и спроведувањето на урбанистички планови, како и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Со оваа одлука е исполнета препораката под реден број 6”, рекоа од локалната власт.

    Во јуни беше изготвен Регистар на бесправно изградени објекти за периодот од 2006 до мај 2019 година.

    „Во согласност со законските процедури, Општина Охрид веќе ја започна акцијата за отстранување на бесправни градби, која се одвива по утврдена динамика. Во делот на препораката под реден број 18, во тек е изработка на сообраќајна студија за Охрид, а веќе функционира постојан режим на сообраќај со електронска евиденција на возилата во стариот дел на градот. Исто така, значаен напредок има и во однос на препораката под реден број 19, при што се отстрануваат неавтохтони видови растенија (палми) и рекламни паноа и билборди”, додаваат од локалната власт.

    Од еколошкото здружение „Фронт 21/42“ велат дека на четири месеци пред истекувањето на крајниот рок, препораките на УНЕСКО се далеку од исполнети, а клучниот Закон за Охридскиот Регион не е усвоен од Собранието. Велат и дека не е изработена Стратешката оцена на влијанието врз животната средина за Планот за управување со Регионот, додека одлуките за времено воведување на мораториум за градење во Струга и Охрид се внимателно скроени да дозволат продолжување на урбаната и крајбрежната трансформација и во наредниот период.

    „Во Акциониот план на Општините Охрид и Струга, Студиите за влијание на евидентираните дивоградби врз исклучителните универзални вредности на светското наследство се планираат дури во 2021 година“, велат од „Фронт 21/42“ и укажуваат дека нема ниту една логична причина зошто клучната постапка во справувањето со дивоградбите се одлага на толку долг временски период.

    „Деновиве во јавноста е актуелно рушењето на дивоизградените платформи во самото Езеро на неколку угостителски објекти на брегот на Охридското Езеро. Сакаме да појасниме: ова нема никаква врска со препораката бр.9 од УНЕСКО за справување со дивоградбите“, велат „Фронт 21/42“.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира