ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈАНЧЕВ ПОБАРА ИЗВИНУВАЊЕ ОД БУГАРИЈА НА 80-ГОДИШНИНАТА ОД СТРЕЛАЊЕТО НА 12-ТЕ МЛАДИНЦИ ОД ВАТАША

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈАНЧЕВ ПОБАРА ИЗВИНУВАЊЕ ОД БУГАРИЈА НА 80-ГОДИШНИНАТА ОД СТРЕЛАЊЕТО НА 12-ТЕ МЛАДИНЦИ ОД ВАТАШАНовите спомен-бисти на стреланите ваташки младинци се дела на кавадаречките уметници Кирил Мукаетов и Димитар Самарџиев. (Фото: СДК.МК)

    Бројни потомци од семејствата на 12 младинци од селото Ваташа, кои пред 80 години беа стрелани од бугарскиот фашистички окупатор, посетители и гости положија цвеќе на 12 нови спомен-бисти. На Месноста Моклиште во близина на Ваташа, на 16 јуни 1943 беа стрелани Перо Видев (15), Ванчо Гурев (19), Данко Давков (18), Илија Димов (18), Ристо Ѓондев (18), Блаже Ицев (20), Пане Мешков (18), Герасим Матаков (18), Ферчо Попѓорѓиев (26), Васо Хаџиjорданов (28), Диме Чекоров (20) и Пане Џунов (18).

    Моклиште пред 80 години било полеано со крвта на овие млади, денес беше полно со живот. Но тагата по толку години останува. Сеќавањата со годините не бледнеат, тие се пренесуваат од колено на колено.

    „Мојата баба, мајката на Пане Пане Мешков, цел живот го мина во црнина. Таа беше жива долги години потоа, но немаше живот во неа. Таа тежина ја мина со неа цел живот. И тако ми Кочо Мешков загина како партизан. Денес ми предизвика многу емоции сеќавањето на баба ми. Таа посебно беше тажна кога ќе ја слушнеше песната за Ваташа, оваа што денес, кога ја испеаја Кате и Адријана, сите нè возбуди, вознемири“, кажа Александра Барбаровска.

    Сеќавањата за масакрот што го изврши во 1943 бугарскиот фашистички окупатор со годините не бледнеат, тие се пренесуваат од колено на колено во семејствата. (Фото: СДК.МК)

    Спомен-бистите се дела на кавадаречките уметници Кирил Мукаетов и Димитар Самарџиев, додека Весела Чекорова е авторка на новоотворената спомен-соба во Моклиште, каде се предмети, фотографии и документи од стреланите момчиња.

    „Ние знаеме да простуваме. Извинувањето и поклонувањето пред овие бисти и споменик, треба да дојде од наследникот на бугарскиот окупатор, кој го сторил овој масакр“, рече градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.

    На свеченоста присустваа претставници на кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски, и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска..

    „И после 80 години од овој грозоморен чин, убиството на 12 млади ваташки деца, и денес болката и споменот се поприсутни. Наша должност е овој чин кој пред осум децении го сторила тогашната бугарска фашистичка Влада да не се повтори. Да оддадеме почит на стреланите, на семејствата на нивните блиски“, кажа Костадиновска-Стојчевска.

    Стрелањето го извршила бугарската фашистичка окупаторска војска и полициски одреди на капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов, полицискиот инспектор Димитар Раев, пgодофицер Петко Опреков под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. По две години, Народниот суд во Народна Ррепублика Македонија ги осудил на смрт главните учесници во оваа акција: полковник Љубен Апостолов, капетан Борис Жеглов, поручник Костов, подофицер Петко Опреков и полицискиот инспектор Димитар Раев . Сите се осудени на смрт и стрелани.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира