ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА СТРУМИЦА КОСТАДИНОВ ГО ЗАМРЗНА ЧЛЕНСТВОТО ВО СДСМ ОТИ ПАРТИЈАТА НЕ ГО КАНДИДИРАШЕ ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА СТРУМИЦА КОСТАДИНОВ ГО ЗАМРЗНА ЧЛЕНСТВОТО ВО СДСМ ОТИ ПАРТИЈАТА НЕ ГО КАНДИДИРАШЕ ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИВо следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори, објави Костадинов. (Фото: Фејсбук)

    Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, објави дека од денеска го замрзнува членството во СДСМ, откако лидерот на СДСМ Венко Филипче вечерва на прес-конференција објави уште 11 кандидати за градоначалници во земјава, од кои во Општина Струмица кандидат ќе биде Марјан Даскаловски, претседател на струмичката партиска општинска организација.

    Прашан зошто актуелниот струмички градоначалник Костадин Костадинов не е пак кандидат, Филипче кажа дека смета оти „актуелниот градоначалник на Струмица треба да се стави на располагање на партијата чесно исто како што партијата била тука за него во изминатиот период“.

    „Мојата партиска припадност од денес е замрзната во СДСМ, не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што и е местото, најмалку каде што е сега“, објави на својата фејсбук страна доцна вечерва Костадинов. „Ова не е крај… Во сегашната политичка слика, мојата кандидатура – од било која партија – е бесмислена. Не затоа што се плашам од пораз. Јас не знам што значи да изгубиш избори. Туку затоа што нема вистинска понуда за градот. Нема суштинска дебата. Нема нова визија. Нема предизвик“, вели Костадинов, кој во 2017 беше в. д. градоначалник на Струмица откако тогашниот градоначалник и лидер на СДСМ Зоран Заев стана пратеник, па потоа беше пратеник во Собранието, а на изборите во 2021 е избран за градоначалник.

    „Свесен за тешката состојба во која се наоѓа мојата партија, од безидејноста, сакам да помогнам за жал нема како… Во следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори. Целосно прецизна стратегија, доволно мотивирачка за да обедини авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ, тешки за да бидат непривлечни за политичките авантуристи, и доволно забавни за да се пронајдат младите… Мојата стратешко политичка одлука за делување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела. Првата ќе биде септември, конечната по завршување на овие локални избори. До тогаш посакувам среќа да се победи во барем една општина“, вели во објавата Костадинов.

    Откако не беше на листата со првите 19 партиски кандидати за градоначалници која Филипче ја објави на 20 јуни, Костадинов на 21 јуни САКАМДАКАЖАМ.МК изјави: „На сите анкети водам со 3:1 и очекувам по завршување на процедурите, партијата да донесе одлука“. Тој не одговори на прашањето дали на изборите ќе оди како независен кандидат ако СДСМ не застане зад него.

    Според листата кандидати за градоначалници објавена вечерва, во Oпштина Пехчево кандидат за градоначалник ќе биде Златко Николовски, член на Централниот одбор, во Oпштина Босилово, Мариче Кармазичева, во Куманово организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, во Карбинци Љупка Соколовска, во Василево е Ванчо Новоселски, во Сопиште претседателот на општинската организација Звонко Васев, во Јегуновце ќе биде Дарко Блажевски, градоначалник од 2017 до 2021, во Охрид ќе биде претседателот на општинската организација д-р Асен Шајн, во Демир Хисар, Златко Кузмановски, претседателот на општинската организација, во Дебарца исто така претседателот на општинската организација, Љупчо Паункоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира