ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ВЕЛЕС ВЕЛИ ДЕКА Е БЛОКИРАНА ИЗГРАДБАTA НА КЕЈОТ НА ВАРДАР, ИНСПЕКЦИИТЕ ТВРДАТ НЕМА КОМПЛЕТНА ДОКУМЕНТАЦИЈА

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ВЕЛЕС ВЕЛИ ДЕКА Е БЛОКИРАНА ИЗГРАДБАTA НА КЕЈОТ НА ВАРДАР, ИНСПЕКЦИИТЕ ТВРДАТ НЕМА КОМПЛЕТНА ДОКУМЕНТАЦИЈАУредувањето на десната страна на Вардар со кеј е со пола милион евра од проект на ЕУ за меѓугранична соработка со Грција. (Фото: СДК.МК)

    По само еден ден градежни работи, сопре изградбата на кеј од десната страна на реката Вардар во Велес. Откако на почетокот на ноември се отстрани зеленилото на островот среде река и се најави расчитување на земјата, градежните работи престанаа. Градоначалникот Марко Колев ова го смета за наменска пречка за стопирање на проектот.

    „Почнавме да го градиме кејот, но за жал, инспекциите на Министерството за животна средина го закочија уште веднаш кога го заградивме просторот, стасаа уште првиот ден. Можеше да се продолжат работите наспроти тоа што се бара од нас, во интерес на проектот. Правиме сè продолжат активностите. Инспекциите веднаш дојдоа откако по барање на граѓаните се исчисти текот на реката Вардар помеѓу двата моста. Имавме одличен одѕив во јавноста и поддршка, оти на тоа се чекаше со години. Очигледно дека на некому му пречи мојата работа. Има одобрение за градба. Умислата беше да се стопира“, кажа градоначалникот Колев.

    Градежниците подолго време посочуваа дека со изградбата само на левата страна од кејот на Вардар нејзиниот тек се насочува кон неизградената десна страна, со што се менува и текот на водата и се нарушува безбедноста на таа страна. На тој начин и се создаде овој остров, за кој граѓаните реагираа со години, бидејќи беше грда слика на центарот на градот.

    Уредувањето на десната страна од реката Вардар со изградба на кеј е со средства од проект на ЕУ за меѓугранична соработка со Грција, во вредност од половина милион евра. Рокот на завршување е јуни следната година. Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) велат дека по реакција на граѓани извршиле вонреден инспекциски надзор на 4 ноември, при што биле констатирани два прекршоци, согласно Законот за води.

    „За отпочнување на работите, Општина Велес нема обезбедено водостопанска согласност. До нејзиното издавање од надлежно министерство, привремено се забранува понатамошно работење во речно корито. Од досега обезбедената документација потребно е да се достави барање до Министерство за животна средина за дозвола за уредување и чистење на наносен речен материјал од речно корито. Привремената забрана трае до обезбедување на водостопанска согласност според член 174 и 142 од Закон за води“, соопштија од ДИЖС.

    Проблем се јави и со уште еден проект финансиран од ЕУ, кој е вреден 24 милиони евра, изградба на Пречистителна станица за отпадни води од подрачјето на градот Велес. Локацијата каде таа треба да се гради, под вливот на река Бабуна во Вардар, Министерството за земјоделие ја продало за нови насади лозје, па сега се бара нова локација.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира