ГРАЃАНИ ГОРАТ НА СУД ЗАШТО ЗА СТРУЧНИ ПРАВНИ СОВЕТИ КОРИСТАТ „ЧЕТГПТ“ НАМЕСТО АДВОКАТИ

    ГРАЃАНИ ГОРАТ НА СУД ЗАШТО ЗА СТРУЧНИ ПРАВНИ СОВЕТИ КОРИСТАТ „ЧЕТГПТ“ НАМЕСТО АДВОКАТИОд панел-дискусијата „Вештачка интелигенција и правната професија“ во организација на Правниот факултет од Универзитет „Свети Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Битолченец одлучил, наместо да користи адвокат да го брани во судски спор, да напише одговор на тужбата со помош на ЧетГПТ. Вештачката интелигенција (ВИ) му напишала одговор со кој 90 отсто од тужбеното барање било признаено, но алатката направила пропуст и не го предупредила тужениот дека е задолжително да направи вештачење и да го поднесе до првото рочиште. Ова како искуство од праксата го посочи адвокатот Александар Георгиев-Калица на панел-дискусијата „Вештачка интелигенција и правната професија“ во организација на Правен факултет од Универзитет „Свети Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола.

    „Во пракса веќе се јавуваат такви ризици каде граѓани горат на суд“, рече Калица посочувајќи дека повеќе фирми, меѓу кои и реномирани, за да заштедат на адвокатски трошоци, сами генерираат договори со вештачка интелигенција. Договорите не се стручно направени, па не ги штитат доволно и потоа навлегуваат во судски спорови.

    „Пребарувањето на правни информации со вештачка интелигенција од граѓаните во моментот е на многу високо ниво, а е доста ризично од причина што не се разликува правна информација од стручен правен совет. ВИ е тренирана да даде одговор од кој ќе бидете задоволни и психолошки делува фактот кога ќе поставите правно прашање, одговорот што ќе го добиете ќе биде толку детален да ве убеди дека тој е 100 отсто точен. Но, во реалноста е многу погрешно, ВИ не е адвокат“, рече Калица.

    Тој нагласи дека кога се работи за македонското законодавство, употребата на вештачката интелигенција е со висок ризик на грешка. Тоа е така зашто Македонија не може да се споредува со законодавство на некоја земја од ЕУ или САД.

    „Таму имаат државни платформи со добро класифицирани прописи, каде се следи секоја измена и толкување на одредени правни норми, додека кај нас отсуствуваат консолидирани закони. При давање на одговорот вештачката интелигенција може да користи информации од постар закон, да користи закон без новите измени. Ако не му дадете команда да ги прегледа најновите измени кои во голем дел и не се достапни веднаш или се достапни во некоја форма до која не може да пристапи ВИ, тука се прават големи грешки“, додава Калица.

    Обвинителката Оливера Нечаковска од Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Битола рече дека вештачката интелигенција може да помогне при анализирањето и брзата обработка на дигиталните докази во предметите што ги работат, но нејзината употреба е проблематична поради безбедноста на информациите и заштитата на приватноста.

    „За да добиете содржаен одговор, мора да го нахраните со реални податоци. Кога ќе ги ставите тие податоци во алатката, веќе немате контрола што се случува со нив понатаму. Дали ќе се користат за тренирање на нови модели или и за нови алгоритми кои ќе се развиваат понатаму, тоа создава опасност која никој од нас не може да ја предвиди како понатаму ќе се се развие“, рече Нечаковска.

    Таа додаде дека шведската влада им забранила на администрацијата од државните служби да ги користат ЧетГПТ и Клод затоа што во нивните четботи ставале чувствителни информации кои понатаму биле користени за развој и тренирање на нови модели без да се следат соодветни безбедносни протоколи. Владата склучила договор единствено со Мајкрософт Копилот чии алатки можат да го користат за службени цели.

    „Ние сме далеку од таа состојба, па јас би рекла секогаш треба да се проверува, посебно ако од тоа ви зависни примената на професионалните норми“, рече Нечаковска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира